Арсовска: Надлежност за постапување со дивоградби имаат општинските инспектори и Државниот градежен инспекторат

 Градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска преку објава на социјалните мрежи му одговори на премиерот Христијан Мицкоски. Таа посочува дека надлежност за постапување со дивоградби имаат општинските градежни инспектори и Државниот градежен инспекторат. 

– Таков инспектор има општина Чаир и сите други скопски општини како посебни единици на локалната самоуправа во рамки на градот Скопје. Градот Скопје е единствена единица на локална самоуправа која нема градежен инспектор по ЗАКОН. Освен општинскиот градежен инспекторат на Чаир, надлежност има и Државниот градежен инспекторат кој е под директна надлежност на Министерството за транспорт и врски. Кога станува збор за гонење на криминалци кои се фатени во спроведување на кривично дело, во случајов узурпација на државно земјиште, бесправна градба и нарушување на општа безбедност одговорноста е кај Министерството за внатрешни работи. Благодарам на можноста господине Мицкоски да делувам едукативно на вас во овој случај и апелирам, сега откако ги знаете одговорностите и надлежностите да постапите веднаш, вели Арсовска во објава на Фејсбук. 

Премиерот Мицкоски денеска во одговор на новинарски прашања рече дека градоначалничката на Град Скопје има ингеренции и и ако мисли дека е така, треба да постапува.

– Таа има ингеренции и ако навистина мисли дека е така, тогаш треба да постапува затоа што од филозофирање и гола реторика, народот нема фајда, рече Мицкоски.

Градоначалничката на Скопје вчера преку пренос во живо на социјалните мрежи информираше дека на државно земјиште во општина Чаир се гради дивоградба и ги повика надлежните институции да реагираат. 

МИА

Најчитани вести