Атанасов: Клиентелизам на академски начин

Атмосферата и начинот на избор на нов ректор на УКИМ покажа дека власта, или кој било поединец или тим ујдисан со власта, може да направат хаос и замешателство во која било процедура. Особено ако со тоа се исполнува некоја „стратешка“ цел на власта. Тогаш власта сесрдно „помага“.
Стратешка цел на власта во подолг период е уништување или намалување на важноста на универзитетот „Св. Кирил и Методиј“. Најстариот и најдобриот универзитет во Македонија. Универзитет кој е дел од македонскиот национален идентитет. Универзитет кој во изминатите децении беше и творец и стожер на македонската национална култура. Толку… Тоа што културната револуција на Македонците се случи за време на постоењето како дел од друга држава, која не е по ќеиф на идеолозите на ВМРО-ДПМНЕ, токму тоа изгледа најмногу ги боли.
Неколку години наназад, во секоја прилика или при секоја можност, УКИМ се повеќе се туркаше на маргините на општеството. Затоа и нападот беше насочен кон „непослушните“ професори од УКИМ и неговите членки. За жал, многу од професорите кои со години беа активни и генерално опозиционерски настроени и ориентирани, си ги вовлекоа вратовите во своите академски крагни и си ги облекоа своите домашен папучи и шлафрок. Но и успеаја да бидат изложени на клиентелизам. Се разбира не сите… мнозинството…
Во исто време и студентите некако се уморија од маскенбалите и карневалите на власта. Наместо да се борат за подобро утре, тие се почесто се одлучуваат да заминат од Македонија. Државата полека но сигурно се празни. Власта им дава поддршка на „младите“, ама само на своите млади кои се безгласна буква во ешалоните на Груевски и компанија. Излез нема!
Има, има… ама единствениот излез е револуција… мислам резолуција на оваа шизофрена ситуација…
А може да биде сосема поинаку. Но, затоа се потребни коалиции. На пример, најприродна коалиција би била помеѓу граѓанскиот сектор, академијата  и младите. Сите се агенси на слободата, еднаквоста и заедништвото. Академијата во таа прилика би им дала и енергија и сокови на другите субјекти кои се неопходни кога се планира голема промена.
Затоа е важно на чело на најдобриот универзитет да застане човек, маж или жена… храбри, полни со идеи, достоинствени, луѓе кои ќе комуницираат со младите, но и со иднината. Ние сите до него/неа, со него/неа, по него/неа, напред…
Арно ама со секој нареден избор за ректор на УКИМ добивавме луѓе со се помал интегритет и храброст. Луѓе кои доаѓаат за никој да не ги памети по добро кога ќе си заминат… напротив… Во времето на Велимир Стојковски универзитетската автономија беше уништена а универзитетот беше деградиран… безмалку нападнат од партиските кадри на ВМРО-ДПМНЕ… толку…
Сегашната ситуација е како создадена за револуција… мислам резолуција на проблемите и трасирање нови правци во нашиот развој…
Во држава во која на младите не им се отвораат можности и перспектива потребна е револуција… потребна е културна револуција…
Во држава во која на студентите не им се дозволува учество во управување со  универзитетските работи потребна е револуција… потребна е академска револуција…
Во држава во која владеат насилници и криминалци потребна е револуција… потребна е шарена револуција…
Шарената револуција е еден од излезите од кризата. Таа треба да не направи попаметни, посолидарни, похрабри… треба да не научи дека ако сакаме да ги менуваме работите треба да се здружуваме…
Треба да градиме реални вредности кои некако исчезнаа за време на владеењео на „лавовите“. А вредностите се основа на секое општество. Заедничката изградба на општествените вредности ќе не јакне и ќе не доведе побрзо до целта.
Научивме дека она што се нарекува демократско општество и демократски вредности не се нешто што некој ќе ви го подари. За нив мора да се изборите сами. А за тоа се потребни херои.
Хероите на граѓанскиот сектор ги гледаме секој ден на скопските улици. Хулиганки и хулигани… Но, ја нема академската фела. Безгласни се! Ги нема професорите… секоја чест на исклучоците… А богами нешто и студентите ги снема…
Се додека не се спојат новите идеи со граѓаните, студентите, професорите и младите… нема револуција… ниту резолуција на сегашната мачна ситуација… ситуација која трае предолго…
Значи, нема веќе нијанси. Борбата е меѓу црното и шареното. А шареното ќе расте и ќе не обојува со нов дух и со нова енергија.
Пред секого се отвора дилемата: ќе останете пред телевизорот или ќе дојде пред Собранието… Ова важи за сите… и за професорите…
Во овој контекст драги колеги професори, почитувани сенатори, деновиве не бевте на нивото на кое сте му потребни на ова руинирано и осиромашено општество…. Тешко се заборава ова што го видовме… Вие како професори сте платени и да сте храбри, да не носите напред, да освојувате и да создавате и да се борите за вистината а не да се клиентелизирате!
Случувањата со изборот за ректор на УКИМ и новиот државен универзитет ќе остават траги и не треба брзо да се заборават… најтешко се учи од сопствените грешки…

Петар Атанасов, универзитетски професор и член на ИО на СДСМ

Најнови вести

Најново од Ракурс, Ударни вести

Најчитани вести