Според последните податоци, денеска од болниците ќе бидат испишани 16 пациенти кои се лекувале во земјата и лекувањето ќе го продолжат во домашни услови, рече на прес конференциај протпаролката на Владата, Венера Љатифи Азизи.
Рече дека очекуваат во рок од две недели половина од пациентите кои се лекуваат во странство да се вратат во нашата земја, за кои се превземат сите неопходни чекори за продолжување на нивното адекватно лекување. Во моментов во странство се лекуваат 116 пациенти, а оваа недела очекуваме 8 од нив да се вратат и да продолжат со лекувањето во земјава.
-„Во меѓувреме, состојбата на некои пациенти и понатаму е сериозна, 4 од тие кои се во странство се во критична состојба, но правиме се за да го обезбедиме потребниот третман и да се надеваме на нивно подобрување. Покрај болничката нега, како дел од долгорочната нега, обезбедивме тим хирурзи кој ќе остане во Кочани за поддршка на пациентите кои се лекуваат дома, избегнувајќи ги нивните напорни патувања во клиниките. Исто така, штипската болница располага со 4 хирурзи, кои ќе бидат во постојана комуникација за давање поддршка на пациентите“, потенцира таа.
Според неа, Здравствените установи се максимално посветени за обезбедување квалитетен третман и целосна рехабилитација за сите пациенти и ќе продолжат редовно да информираат за нивната состојба и мерките што ќе бидат преземени.
Во меѓувреме, истрагата за овој сериозен настан продолжува со целосна посветеност и во соработка меѓу одговорните институции. Владата останува решена да ја открие вистината и да се погрижи одговорните да одговараат за своите постапки, посочи портпаролката Љатифи Азизи.


