Борел со силна поддршка за Османи: Османи ќе биде градоначалник што слуша, обединува и носи напредок за сите граѓани на Чаир

Жозеп Борел, поранешниот висок претставник на ЕУ за надворешни работи и безбедносна политика и потпретседател на Европската комисија упати силна порака со поддршка на Бујар Османи, како кандидат за градоначалник на Чаир.

Во видео пораката, Борел зборува за успесите на Османи на меѓународната сцена како министер за надворешни работи и претседавач со најголемата организација за безбедност и соработка ОБСЕ, и верува дека Османи е подготвен лидерските способности да ги покаже и на локално ниво за своите сограѓани од Чаир.

„Драг Бујар, го носеше гласот на својот народ на меѓународната сцена. Сега си подготвен истата таа посветеност да ја донесеш дома, на улиците и во маалата на Чаир”, вели Борел во својата порака упатена од Сантандер, град на северот на Шпанија.

Борел наведува дека во својот професионален живот блиску соработувал со Османи и имал можност да го запознае одблиску и него и неговиот начин на размислување.

„Она што најмногу ме импресионираше е неговата способност да слуша, да гради мостови и да наоѓа решенија – квалитети кои се неопходни не само во дипломатијата, туку и во локалното лидерство”, вели Борел.

Тој не штеди зборови ниту за неговите очекувања од Османи како градоначалник.

„Европа го познава како лидер што носи резултати. Верувам дека и граѓаните на Чаир ќе го препознаат како градоначалник кој слуша, обединува и носи напредок за секој граѓанин”, потенцира Борел.

Поранешниот висок функционер во ЕУ уверува дека Османи може да ја донесе Европа дома, преку неговото искуство од кое бенефит ќе имаат сите граѓани.

„Неговото искуство со европските институции ќе помогне европските фондови и можности директно да дојдат во Чаир – за подобра инфраструктура, посилно образование, повеќе работни места и поквалитетни услуги”, вели Борел во пораката за поддршка на Османи.

Најчитани вести