Марк Цукерберг, основачот на Фејсбук откри што, според него, филмот „Социјална мрежа“ (The Social Network) целосно погрешно прикажал.
„Цукерберг го основал Фејсбук на само 19 години на универзитетот Харвард, во 2004 година. Денес неговото богатство се проценува на околу 189 милијарди долари“, пренесе Јунилад (Unilad).
Филмот од 2010 година е еден од првите големи холивудски хитови што го прикажува подемот на модерна технолошка компанија. Во него се прикажува животниот пат на Цукерберг, од студентските денови и прекинот на љубовната врска, преку создавањето на Фејсбук, па сè до правните спорови што следеле по неговиот огромен успех, вклучително и конфликтот со коосновачот Едуардо Саверин.
– Филмот го гледав само еднаш, и тоа заедно со вработените во мојата компанија. Знаев дека сите ќе го гледаат, па решивме да одиме заедно. Беше навистина необично искуство, изјавил Цукерберг во емисијата „Шоуто на Колин и Самир“ („The Colin and Samir Show“). Најголемиот проблем беше што филмот прикажува дека го создадов Фејсбук за да освојам девојка. Тоа едноставно не е вистина, признал тој, додавајќи дека со својата сегашна сопруга Присила Чен бил во врска уште пред да ја основа социјалната мрежа.
Цукерберг се осврна и на една од најраспространетите приказни поврзани со создавањето на социјалната мрежа.
– Со години на интернет се создаде цела приказна за тоа како настана Фејсбук. Луѓето го поврзуваат со Фејсмеш, мала шеговита страница што ја направив, само затоа што и двата назива го содржат зборот „фејс“. Но, Фејсмеш беше шега и немаше никаква врска со Фејсбук, објаснил Цукерберг, додавајќи дека и денес, повеќе од две децении подоцна, луѓето му велат дека социјалниот медиум започнал како веб-страница за оценување на физичкиот изглед на другите луѓе.
Според него, Фејсбук уште од самиот почеток бил замислен како многу поголем и посериозен проект отколку што е прикажано во филмот. По негово основање, компанијата ги презеде Инстаграм и Вацап. Во 2021 година компанијата го промени своето име во Мета.
МИА


