Брачната двојка во прегратка се простила пред заедничката смрт во битолскиот мотел

Глетката беше стравотна. На креветот во собата лежеа безживотните тела на двајцата сопружници, а телото на мажот веќе беше во фаза на распаѓање. Врз неговата лева рака лежеше главата на почината сопруга. Со овие зборови за „Нова Македонија“ очевидец на настанот го опиша моментот кога вработените ги виделе телата на двајцата мртви сопружници од Битола, веднаш по кршењето на вратата на хотелската соба што ја изнајмиле.

Двојната смрт на брачната двојка во битолскиот мотел „Пржо“ вчера ја разбранува јавноста, а долго време се трагаше за каква било информација што ќе укаже за причината за нивната смрт.

Како што дознава „Нова Македонија“, станува збор за 33-годишниот К.И. и за неговата 27-годишна сопруга Ѓ.И. Тие неколку дена престојувале во една од собите на мотелот „Пржо“, каде што во прегратка се простиле еден од друг.

Иако изминаа два дена од овој немил настан, нивната смрт сѐ уште е обвиена со голема мистерија, но, според неофицијалните информации до кои дојде нашиот весник, покојниот К.И. веројатно бил наркозависник, кој се лекувал во болницата во Демир Хисар. Покојниот К.И. ѝ бил добро познат на битолската полиција, која честопати против него поднесувала кривични пријави за семејно насилство. Но во локалната полиција не откриваат какви било детали за овој случај. Битолската чаршија вчера шпекулираше дека сопружниците починале од прекумерно консумирање наркотични средства, но нема никакви официјални потврди на уличните муабети ниту пак нивен демант од страна на надлежните.

За мистериозната смрт на двајцата битолчани не сакаат да коментираат ниту лекарите од итната медицинска помош, кои први се најдоа на местото на настанот.

Вработените во мотелот „Пржо“, во чии рамки работат уште и автосервис и салон за автомобили, сѐ уште се наоѓаа во вистински шок, па не беа расположени да зборуваат.

– Како и секој гостин што доаѓа во мотелот и ни остава лични податоци, така и тие двајца дојдоа, ги оставија своите лични карти и се сместија во својата соба. А тоа што се случувало зад нивната врата воопшто не знаеме – изјави сопственикот на мотелот „Пржо“.

Повеќе од текстот на „Нова Македонија“ на следниот линк.

Најнови вести

Најново од Хроника

Најчитани вести