Репрезентацијата на Бразил е вториот финалист на женскиот ракометен Мундијал што се игра во Србија. Бразилките синоќа во Белград во второто полуфинале ја победија Данска со 27:21 (полувреме 14:10).
За „Кариоките“ ова е прво финале на едно Светско првенство.
Александра Насименто со 7 голови беше најефикасна во победничкиот состав, Ана Родригез постигна 5, Приедаде и Кавалиеро по 4 погодоци.
Кај Данска четири ракометарки имаа по три реализации (Хансен, Граволт, Фискер и Кристијансен).
Натпреварите кои ќе одлучат за распределба на медалите ќе се диграат утре. Од 14 часот и 30 минути за бронзата ќе се борат Полска и Данска, а од 17 часот и 15 минута за златото ќе играат Србија и Бразил.


