Чаусидис: Кога цел еден еснаф ќе дозволи да биде третиран како мала политичка партија – тогаш и ќе ја има таа судбина

Интервју на претседателката на Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници, Тамара Чаусидис, за блогот Солидарност. Новиот закон за медиуми, кој е доста рестриктивен, е изгласан со амин од ЗНМ, што се случи? Каде потфрливме? По првичното изненадување сега е веќе извесно, аминиот како го нарекувате од ЗНМ е даден за дел од Законот, односно за согласноста на Владата да прифати одредени забелешки, односно измени. Тоа е аргументацијата на ЗНМ. Аргументацијата на Владата дека Законот се носи со согласноста на двете новинарски здруженија ЗНМ и МАН. И тоа е така. Аргументот дека Законот се носи наспроти медиумската заедница е загубен неповратно. Каде потфрливме? Па после битка сите се генерали и лесно е сега да се наоѓаат мани на стратегиите и одлуките. За мене, од влегувањето во преговори со Влада е полошо само влегување во преговори со странски посредници, а двете опции се страшни и погрешни.Кога ќе дозволите цел еден еснаф да бидат третирани како некаква мала политичка партија – тогаш и ќе ја имате судбината на мала политичка партија, ќе бидете декор на големите играчи и ќе зависите од нивната воља. Независно дали играчите се домашни или странски. А резултатот секогаш ќе биде, форма без суштина зад која никој со полн капацитет не застанува. Дали оваа ситуација ствара поголема или помала солидарност помеѓу новинарите и медиумските работници? Помала. Разединети сме, сега и во рамките на организациите кои што да речеме имаа заедничка платформа околу крупни прашања. Довербата е загубена, нема солидарност, нема соработка кога нема доверба. Но тоа не мора да биде по секоја цена лоша ситуација. Немањето сојузници ве прави послаби, но од друга страна ви дава можност за автентична активност која нема да има обврска да „координира“ и усогласува. Ако имате јасна платформа, ако точно знаете што сакате тогаш тоа може да биде и добра ситуација затоа што вашиот ангажман нема никогаш повеќе да биде по автоматизам припишуван на некој друг. Се разбира тоа ја прави одговорноста поголема, ризикот исто така, но и слободата да се делува. А сидикатот има намера да делува, тоа ве уверувам. Дали мислите дека проблемот во медиумите се наоѓа само во недостатокот на професионалните стандарди или проблемот може да се лоцира во поставеност на приватните медиуми, каде на газдата му се дава право да ги третира новинарите и медиумските работници исто како што се третираат сите работници во фабриките? Страшна е, цинична и морам да признам навредлива инверзија на тези која инсистира на професионални стандарди и „квалитет“ во услови во кои функционира новинарството кај нас. Повеќе пати сум кажала, но се чини никогаш доволно – слободата е предуслов за професионални медиуми, но тоа не значи дека слободата може и смее да биде условена со професионалноста. Кога новинарите работат во слобода, тие можат да бидат професионални и препознаени како такви според довербата, авторитетот што го имаат кај публиката, но можат да бидат и непрофесионални и да се водат како жолти, несериозни и слично. Впрочем не дека нема и од едните и од другите во светот. Но, кога работат во неслобода – тогаш новинарите – не се новинари. Тогаш се само, во најдобар случај трансмитери на изјави, а неретко и манипулатори и спинери. Во такви услови новинарството умира, не постои. Опасноста од отсуството од непостоењето на новинарството како чувар на демократијата, критичар на општествените и политички појави можеме да ја аргументираме со денови, но мислам дека веќе на сите ни е јасно до што доведува таа – до анестезирана, некритична, зомбифицирана јавност, која запаѓа во некакво политичко празноверие, која не реагира веќе речиси на никакви дразби колку и да се силни, очебијни неправди, лаги, конструкции. Што се однесува до паралелата со газдите на медиумите и на фабриките не сум баш сигурна дека ја разбирам. Не мислам јас дека е помало зло ако работниците во фабриките се треираат лошо, а еве новинарите да бидат иземени. Знаете, почитувањето на работното и професионалното достоинство е човеково право и нивното кршење е секогаш посегање по фундаменталните одлики на поединецот, тука не може да се прави градација. Всушност, тие федуални односи кои владеат по приватните претпријатија, кои се помалку се фабрики, а се повеќе некакви гранапчиџа и мануфактури се прелеаа во сите сфери на општеството, а чинам полека почнаа да ја фаќаат и досега неприкосновената државна администрација – се повеќе договори на дело, вработувања на определено време, лесни отпуштања, казнувањеа, намалувања плати. Она што е страшно и што е специфично кога говориме за медиумската индустрија е што последици се бргу видливи и непоправливи – тие ја ронат демократската супстанца на едно општество, супстанца со која тоа природно се брани од автократските импулси и амбиции. Многу едноставно, уништувањето на новинарството ја уништува критиката и слободната мисла кои се предуслови на сите други слободи.Несигурната, слабо платена и условена работа од новинарите кои треба да бидат чувари на интересот на јавноста, на јавното добро прави исплашени луѓе кои не можат да се спротивстават на притисок. Тоа е она што е директна последица на ужасните економско социјални услови во медиумскиот бизнис, поради што некако имам потреба да ги алармирам сите, сите професии, сите еснафи, целата јавност затоа што драмата на новинарите не само на оние на кои непосредно се однесува и последиците ги чувствуваат сите. А што е со новите искуства, на пример интернет медиумите, каде новинарите се сами „газди“? Состојбата со интернет медиумите, кои ја имаат таа тешка задача да бидат замена за целата загушена медиумска индустрија е најблаго кажано катастрофална. Мислам дека условите во кои фунционираат тие како што ги нарекувате „газди“ е страшна. Тие повеќе работат од ентузијазам и инает, отколку што работат за матерјална добивка. При тоа се шиканирани, етикетирани како „предавници“, „платеници“, изложени на невидена негативна кампања. И тука фактот што пазарот на трудот е комплетно затворен служи во позитивна смисла – луѓето немаат избор, освен на опстојат. Но целава оваа ситуација не носи ништо добро. Ги брка од професијата храбрите, чесните. Остануваат најупорните и егоманијаците. Овие последниве се повеќе ги има, за жал. Една комплетно луда, нездрава состојба. Дали новинарите и медиумските работници ја перцепираат својата борба како класна? Не. А која професија ја перципира? Класната борба како термин комплетно е изгонета од јавниот дискурс и не е реално од новинарите да очекуваме да бидат исклучок. Како граѓаните можат да се солидаризираат со вашиот отпор? Можат конкретно така што ќе ги поддржат акциите на новинарскиот сидикат. Минатата година како никогаш досега бевме активни и гласни. А генерално, така што нема да дозволат да бидат лоботомирани, така што нема да се согласат манипулацијата да ја именуваат како новинарство, нема да генерализираат, затоа што професионалците меѓу нас тоа не го заслужуваат.]]>

Најнови вести

Најново од Ракурс, Ударни вести

Најчитани вести