Четири жртви и 15 во болница по тешката сообраќајна незгода во Грција помеѓу автобус со српски регистарски ознаки и автомобил

Во тешка сообраќајна незгода што се случи во близина на Поликастро помеѓу автобус со српски регистарски таблички и автомобил, повредени се 42 лица, а четворица загинале. Повредените се државјани на Србија, а загинатите се тројца Грци и еден Русин.

Според директорот на српската Националната асоцијација на туристички агенции „Јута“, Александар Сеничиќ, лекувањето на повредените продолжува.

„Најважно е што нашите туристи се надвор од животна опасност“, изјавил Сеничиќ за локалните медиуми, посочувајќи дека секој што сака да го прекине одморот и да се врати во Србија тоа ќе може да го направи.

Тој наведува дека српските туристи, кои се повредени во сударот, се задржани на лекување и сите се надвор од животна опасност.

„Имаме 15 туристи кои се задржани во болница. Сите се надвор од животна опасност, но лекувањето продолжува“, вели Сеничиќ.

Сообраќајната незгода се случила вчера наутро во Грција, кога се судриле автобус со туристи од Србија и два автомобили, при што загинале тројца грчки државјани и еден руски државјанин.
Како што пренесоа локалните медиуми, трагедијата се случила на влегување во Грција, кога во автобус на нишката туристичка агенција „Скај и Сан травел“ удрил автомобил чиј возач заспал на воланот и изгубил контрола над возилото. Загинати се сите четворица патници од автомобилот. По судирот со автобусот автомобилот налетал на друго возило, во кое била жена од Србија со дете, но тие не се повредени.

Несреќата се случила околу 05:00 часот на главниот пат меѓу граничниот премин Евзони и Солун, кај Поликастро. Од силината на ударот автобусот со 78 српски туристи кој тргнал од Белград кон грчките летувалишта на Халкидики се превртел на страна и завршил во ендек.

Тројцата Грци и Русинот кои загинале во страшната несреќа оделе заедно на риболов. Според неофицијални информации, станува збор за мажи на возраст од 66 до 73 години.


Најнови вести

Најново од Балкан

Најчитани вести