Четврт мандат за Рама – Демократите доживеаја историски пораз!

Албанија денеска се разбуди со јасна порака од народот – Еди Рама и неговата Социјалистичка партија (СП) остануваат на власт и покрај годините критики, скандали и тешки обвинувања за корупција. На парламентарните избори одржани на 11 мај, Рама обезбеди четврт последователен мандат – нешто што никому не му успеало во поновата историја на земјата.

Прелиминарните резултати покажуваат дека Социјалистичката партија освоила над 52% од гласовите, додека Демократската партија (ДП), која во оваа трка влезе под водство на поранешниот премиер Сали Бериша, забележа тежок пад со едвај 34% поддршка.

Историски пораз за Бериша и опозицијата

Овој изборен резултат е не само голема победа за Рама, туку и една од најголемите опозициони катастрофи во последните децении. Бериша, кој важеше за еден од највлијателните политичари во Албанија, не успеа да ја мобилизира поделената опозиција, која, наместо да настапи обединето, се фокусираше на меѓусебни пресметки и поделби.

Овој пат, гласачите очигледно избраа „познатото зло“ наместо неизвесната алтернатива, и покрај тоа што владата на Рама се соочува со сериозни критики – од влошување на економската состојба, до обвиненија за клиентелизам и контрола над медиумите.

Слаб одѕив и сомнежи околу регуларноста

Одѕивот на изборите беше само 41,4%, што е еден од најниските во историјата на земјата. И покрај присуството на над 570 меѓународни набљудувачи, опозицијата веќе најавува дека ќе ги оспори резултатите, наведувајќи нерегуларности, заплашувања и купување гласови. Но фактите говорат – Рама е победник, и тоа со голема предност.

Рама ветува Европа, но народот бега

Во своето победничко обраќање, Еди Рама рече дека „Албанија сега има шанса за последен потег кон ЕУ“, ветувајќи дека земјата ќе стане полноправна членка до 2030 година. Но, скептиците потсетуваат дека токму под негово водство, стотици илјади млади Албанци ја напуштија земјата во потрага по подобра иднина во странство.

Што следува?

Со четврт мандат во рака, Рама сега има речиси апсолутна контрола врз институциите. Опозицијата е ослабена, а критичарите стравуваат од можен политички монопол. Некои аналитичари веќе предупредуваат дека Албанија се движи кон „демократија со еден играч“.

Сепак, судејќи според резултатите – народот избра. А дали тоа ќе значи напредок или уште подлабока криза, ќе покаже времето.

Најнови вести

Најново од Свет

Најчитани вести