Дали ќе ја чекате или ќе ја грабнете својата среќа?!

Иако во секојдневниот живот не ја доживуваме среќата често, поимот среќа е толку важен за нас, затоа што постојано се проткајува низ нашата индивидуална и колективна психа.

Современиот човек се однесува како среќата да му е ветена. Тоа ветување за среќа на луѓето им е всадено уште во детството, преку напорите на родителите на своите деца, детството да им го направат посреќно. Она што во детството започнало преку бајките, кај возрасните продолжува преку книгите, филмовите и медиумите.

Тоа се корените на очекувањата на современиот човек , за време на својот живот да си го оствари своето право на среќа.

Во нашиот јазик зборот среќа има повеќе значења, од чувства до случки во животот. Основното значење е да се исполнат желбите и можностите за нивна реализација. Затоа зборот среќа создава ментални претстава за средби и добри можности. Додека ние патуваме низ животот,  детето во нас очекува да се сретне со својата среќа. По правило, една „средба“ не е доволна. Затоа „среќникот“ е оној кој многу често се среќава со својата среќа. Филозофијата за среќниот човек, или човекот со к’смет  кај нас е потврдена и во народната поговорка:„Роди ме мајко со к’смет (среќен), па фрли ме на буниште“.

Античките Грци ги учеле своите деца  дека не треба да бидат пасивни и да ја чекаат среќата сама да им се случи, туку да работат и сами да си ја грабнат среќата. Тие среќата ја претставувале преку богот Каирос, млад човек кој гол многу брзо трчал наоколу, појавувајќи се секаде сосема неочекувано. Неговото тело било намачкано со маслиново масло, па затоа секој што се обидувал да го фати му се лизггал од рацете. Единствениот начин некој да го фати е да го грабне за едно мало рокче што го имал на неговата глава. Проблемот бил во тоа што тој што ќе го фати само во еден одреден момент морал црврсто да го грабне и да не мрда, бидејќи ако малку избрза или се поколеба, Каирос ќе му избега.

Денес многу луѓе кои, наместо да се трудат да ја најдат својата среќа, чекаат да се исполни ветувањето на животот и некој друг да ги направи среќни. Некои тоа го очекуваат да биде направено од други луѓе, а некои само тивко и мирно чекаат. Чувството на среќа е резултат на исполнетите желби.

Познато е дека луѓето чувствуваат среќа кога ќе им се исполни некоја од најпосакуваните желби. Ако желбата не е многу важна, луѓето само ќе почувствуваат некое поголемо или помало задоволство. Но, на едно одредено ниво и желбите и среќата се исклучени, бидејќи кога некоја желба се исполни, таа на некој начин умира, а чувството на среќа полека исчезнува.

Среќата не треба пасивно да се чека, ние не треба да очекуваме сама да се појави од некаде, преку некој среќен настан, да не усреќат некои други луѓе или да ни се случи некоја голема љубов. Кога едно лице е здраво и има пристоен живот, тогаш среќата во животот е поврзана со тоа како тој се гледа себе си, другите и светот наоколу. Тогаш животот станува пријатно уживање.

]]>

Најчитани вести