Дали лажните потерници го убија Кенеди!?

Секојдневно сме сведоци на оцрнување на одредена група на човечки личности. Гебелсовата пропаганда, проширена и надградена во „100 чекори“ секојдневно лишува од слободата една грмада на човечки личности, во најголем дел невини. Ги лишува од слободно движење и делување во своите општествени заедници. Црната пропаганда на актуелната политичка власт, смачка многу човечки судбини, во текот на изминатите десет години. Ги смачка преку оцрнување на нивниот авторитет и интегритет. Како ловци на духови!

Појавата на лажните „потерници“ на кои им претходеше акција со плукање в лице на истакнати критичари на власта (Борјан Јовановски, новинар, и Љубомир Фрчковски, професор), кај граѓаните предизвика згрозување од таквиот монструозен чин на оцрнување, на сметка на одредена група на пратеници од овој парламентарен состав. На мета на црната пропаганда овој пат се пратениците од Социјалдемократскиот сојуз. Лажните „потерници“ прво се појавија во далечната 1963 година низ улиците на Далас.

На тие лажни „потерници“ во црно-бела комбинација беше исцртан ликот на тогашниот претседател на Соединетите американски држави, Џон Кенеди. Во текстот, тој беше обвинет за предавство на Соединетите американски држави. Неколку денови подоцна, на 22 ноември, врз него беше извршен атентат кој заврши фатално.

Дали лажните „потерници“ беа причина која предизвика чувство на омраза и поттик кај извршителот на монструозниот чин? Дали лажните „потерници“ го убија Кенеди!?

Ваквиот начин на новоговор преку кој се шири омраза треба веднаш да се прекине, за да не се предизвикаат некои немили настани, за кои би се каеле сите заедно. Оцрнување и пресметка со неистомислениците може да предизвика немили настани. Затоа е потребно „керберите“ на власта да се воздржат од ширење на омраза.

Гебелсовата пропаганда, преку своите мегафони, пуштајќи ја омразата и пизмата, го разори ова општество на два света. Во маглата од прогласи, најмногу се извојуваат два:

Од една страна се самопрогласените „патриоти“, а од друга страна се секогаш оцрнетите „предавници“. Десет години во оваа Македонија, од една страна е „патриотско ДПМНЕ“, а од друга страна е „предавничко СДСМ, соросоидите, клетите шиптари и Грци“. Или сите оние кои се против нивните монструозни политики.

Десет години прогласувајќи се како „патриоти“, од државата изнесоа 5 милијарди евра народни пари.

Десет години прогласувајќи се како „патриоти“ станаа сопственици на луксузни станови, луксузни вили, сопственици на големи корпорации и фирми, а додека од другата страна извршителите ги оставија граѓаните без покриви, со долгови до гуша.

Десет години прогласувајќи се како „патриоти“ го декласираа, уназадија македонскиот литературен јазик и неговото кирилско писмо, а на 14 август 2008 година донесоа „Законот за употреба на јазик што го зборуваат најмалку 20% од граѓаните во Република Македонија и во единиците на локалната самоуправа“. Ги кренаа на нозе своите партиски активисти за да ја одбранат Македонија од двојазичноста, кои што самите ја донесоа и изгласаа.

Десет години прогласувајќи се како „патриоти“, ги амнестираа хашките случаи, се обраќаа на албански, посетуваа џамии, кога требаше да собираат гласови кај албанската етничка заедница. Но сето тоа беше во духот на развивање на едно (не)мултикултурно општество.

Па затоа во духот на развивање на мултикултурно општество ги повикувам сите граѓани без разлика на вера, националност и партиска определба, најпрво да се воздржат од ширење на омраза, бидејќи фамилијата која што тирански се однесува во изминатите десет години има само една цел, спасување од раката на правдата, заштита на криминалот. Со создавање на хаос во општеството тие сакаат повторно да се извлечат од зулумите и злоделата кои ги направија изминатите десет години. Но овој пат тоа не треба да го дозволиме! Овој пат треба да изградиме една друга и поубава Македонија. Македонија во која ќе се одвои партијата од државата. Македонија во која ќе се почитува Уставот и законите. Македонија во која ќе престанат поделбите. Македонија во која ќе има соживот. За таква Македонија сонуваме, за тава Македонија треба да се избориме!

Во секој случај има само еден тунел, мрачен и осамен: нашиот.

Затоа ние треба да бидеме светлината која ќе го промени тој тунел.

Сашко Петров, советник во Општина Кавадарци од редовите на СДСМ.

Најнови вести

Најново од Ракурс

Најчитани вести