Данците не сакаат кредити и не се лутат ако останат без работа. Како е тоа можно?

Според извештајот за среќа кој го подготвија експерти од Универзитетот Колумбија во Њујорк, по барање на ООН, Данците се најсреќен народ на светот, иако зимата им трае подолго од останатите три годишни времиња заедно и се стемнува околу 16 часот. Данска има 5,4 милиони жители, се наоѓа во Северна Европа, БДП по глава на жител изнесува околу 44.000 евра, што е втор најголем БДП во Европската унија. Статистиката покажува дека со својата плата живеат 25 пати подобро од просечен жител на ЕУ. За социјална заштита одвојуваат дури 35 отсто од БДП. Вработени се околу 76 отсто од населението на возраст од 20 до 65 години, а невработеноста во кризата достигна загрижувачки 7,5 отсто.

Од друга страна, Хрватска е прекрасна држава во Јужна Европа, има одлична клима, прекрасно море, многу сонце и светло и крајно опуштен начин на живот. БДП по глава на жител е 10.300 евра, петти најлош БДП во ЕУ, можат да си дозволат 40 отсто помалку од просекот на граѓаните на ЕУ, работат само половината од работно способното население, невработеноста е 15,9 отсто.

Поинаков концепт

Така вели статистиката. Евидентно е дека, освен климата, статистички најголемата разлика е во богатството на хрватскиот и данскиот народ. Меѓутоа, она што е навистина најголема разлика, од која според се судејќи, произлегуваат сите други разлики, па и тие во богатството, е разликата меѓу јужњачкиот и северњачкиот менталитет.

Кога Загрепчанката Кристина Вулспергер Даниловски со семејството во почетокот на 2009 година се преселила во Копенхаген, била свесна дека заминува во едноставно поинаква држава. Нејзиниот сопруг со работата е поврзан со данскиот главен град Копенхаген, па размислувале за можно селење. Кон крајот на 2007 година родила син, а уште во текот на породилното отсуство почнале да го планираат животот во Копенхаген. Кога и таа, денес 40 годишна мр.сц. по хемија, која во Загреб работела на Институтот Руѓер Бошковиќ, а потоа во Плива, добила работа во фармацевстката индустрија во Копенхаген, се одлучиле да се преселат.

– Сакав да живеам надвор и да пробам нешто друго и не зажалив – вели Вулспергер Даниловски.

Првата средба со целосно поинаков концепт на живот беше поврзана со запишувањето на детето во градинка.

Рецепт за среќа

Архитектурата на Копенхаген е прекрасна и очекувала весели, шарени, топли детски градинки и заинтересирани, посветени воспитувачки. Меѓутоа, детето го запишала во зградичка налик на барака, со сиви ѕидови и подови, без бои, играчки и цртежи, а го чувале воспитувачки кои едвај се занимавале со деца.

– Данците веруваат дека децата од рани нозе треба да се воспитуваат да бидат индивидуалци, дека треба сами да се грижат за себе и да се анимираат. Данските мајки не трчат по своите деца и не викаат – немој, немој, внимавај ќе паднеш. Тие веруваат дека мора да падне и дека така ќе научи. Во првата градинка на мојот син, кој едвај имаше две години, сметаа дека е во ред да излегува без капа на снег и на дожд, да смрзне и накисне, бидејќи идниот пат нема да си ја заборави капата – вели Вулспергер Даниловски.

Со нашиот менталитет тешко тоа да го прифатиме, но Кристина предупредува: Данците пораснуваат во среќни, здрави и одговорни луѓе. Само нивниот пристап е поинаков.

Меилови до пријателките

– Тука нема оценки што е подобро или полошо – тоа е едноставно различно. Дали е подобро да се скока околу децата, како што правиме ние? Дали е подобро тоа што нашите градинки мора да бидат розеви и сини и полни со цветови? Дали е тоа објективно подобро? Дали нашиот менталитет во кој последната куна се дава за децата е подобар? Дали е подобро родителите да немаат ништо, но децата да носат брендирана облека и да слават скапи родендени? Не знам! На пример, тоа во Данска го нема. Облека се купува само кога се мора, и тоа евтина, играчките се ретки исто како чоколадцата. Веројатно најдобро е некаде во средина – вели Кристина Вулспергер Даниловски.

Своите доживувања во Копенхаген на забавен и лежерен начин редовно во меилови ги опишувала на своите пријателки во Хрватска. Тоа допишување, вели и била духовна храна.

По три години семејството се вратило во Загреб, во кој Кристина покренала своја приватна дејност. Врз основа на меиловите кои ги пишувала на пријателките и приказните кои ги напишала уште во Копенхаген, некогаш да ги даде на својот син, се одлучила да напише книга која за Божик ќе ја подари на тие пријателки. Книгата ја нарекла Данците и странците. Меѓутоа, книгата со невидена брзина влегла и во книжарниците. Се работи за лесно, забавно и непретенциозно четиво.

Лежерен опис

– Тоа е моето доживување за другите и за нас самите и ништо друго, лежерен опис на тамошниот живот и увид колку има одлично во Данска, а колку од тоа во Хрватска. И дека идеално нема. Се надевам дека овој Божик моите записи некого ќе го израдуваат – вели авторката.

1. Правила, правила и без исклучок правила Пластична жолта картичка

За да постоиш во Данска, за да можеш да имаш име, адреса, да купиш автомобил или телевизор, да уплатиш лото, да платиш струја, да земеш книга од библиотека или да се запишеш во фитнес клуб, мора да имаш жолта картичка. Мала пластична жолта картичка со 10 броеви на даночен број или ЦПР број.

Секоја сличност со нашиот ЕБГ број, вели Кристина, е сосема случајна и ненамерна. Бидејќи тој број е како Биг Брадер камера, знае се, баш се за тебе и секоја најмала промена ти ја следи таа жолта картичка. Знае каде живееш, дали си женет и со кого, колку деца имаш, во која градинка или училиште одат, каде работиш, колкава ти е платата, колку имаш на сметка и во кои банки, што поседуваш во Данска, а што во странство, кој ти е доктор, дали имаш месечна карта за јавен превоз… И тоа е единствена Лична карта што ја имаат Данците, тое е лична карта и пасош и здравствена книшка. И со неа вршиш се. Нема документација, ни чекање за нив.

Доволна е жолтата картичка. Данската бирократија функционира беспрекорно. Без исклучоци – беспрекорно. Тоа ги воодушевува во прв момент странците од југот, полудени од бесконечното чекање на безбројни шалтери и плаќања на пусти даноци и надоместоци. Меѓутоа, токму таа беспрекорност е дел на кој тешко можеме да се навикнеме: беспрекорноста не трпи исклучоци. Ако задоцниш со уплата еден час, ако рокот се паѓа во недела, а ти платиш во понеделник рано наутро, жолтата картичка тоа го знае и ќе платиш казна. Иако тој еден час не игра никаква улога. Бидејќи правила се правила.

Живот преку интернет

Се во Данска може да се врши преку интернет, со помош на жолтата картичка. Се до таа мера е интернетизирано што некои кај нас класични занимања целосно се исчезнати. Како книжарниците. Во книжарниците се е компјутеризирано. Книгите се издаваат со помош на компјутер, се враќаат на своевидна движечка лента која пак издава сметка ако си задоцнил да ја вратиш. Се плаќа по пошта. Има се помалку касиерки, големите трговски синџири полека преминуваат на автоматски каси. Картите за траект можат да се купат само онлајн, и тоа за одреден траект во одредено време. Ако патниците задоцнат, можат да одат со првиот следен траект на кој има место. Просечно чекање до половина ден. И весниците се читаат онлајн, речиси нема трафики со весници, тие се купуваат во продавниците и многу се скапи.

Фитнес

Две улици подалеку од својот стан Кристина нашла добар фитнес клуб. Работат нон-стоп, имаат јога, пилатес, вежбање, термините се одредуваат како ти одговара тебе и тоа преку интернет, а цената од 350 круни месечно (една круна од прилика е една куна), беше прифатлива.

Се запишала со помош на својата жолта картичка и воодушевено отишла дома да резервира термини. Бидејќи не знаела како ќе изгледа распоредот, како ќе работи сопругот, како ќе биде со детето во градинка, неделно резервирала 6 до 8 термини, знаејќи дека во најдобар случај, ќе искористи два. По успешните месец дена во кои воодушевено ги фалела и цените и услугите на овој клуб, стигнала сметка: 1500 круни!!!

Била ладна како шприцер, верувајќи дека набрзо ќе се реши недоразбирањето. Се утврдило дека нема недоразбирање и дека данската работничка не разбрала за што зборува Кристина: најмалку 15 пати резервирала термини на кои не дошла. Тоа е апсолутно недозволено, па добила 15 поединечни казни. Часот на кој нема да одиш е двојно поскап од тој на кој ќе дојдеш. Кристина била бесна и токму во моментот кога се одлучила да не им плати по ниту една цена, па ако сакаат нека ја тужат, се сетила на жолтата картичка со која се запишала: секој месец ќе и пресметуваат камата и на крај секако ќе и наплатат. И така, едноставно морала да се дисциплинира, но не престанала со плаќање на казни: во договорот на дански потпишала дека на секој час ќе дојде 10 минути порано. Еднаш дошла седум минути пред почетокот. Уредно си ја платила казната.

2. Колку и како работат Данците

Данок на труд по работното време Данците се богат и работлив народ, но со мера. Со акцент на мерата. Добро е да се работи и да не се забушава, но во работно време. Добро е да се заработува многу, но да се покажува богатството тоа е непристојно.

Сметаат дека се доволни 38 часа работно време (паузата не им е платена) па 6 недели годишен одмор го користат кога и како сакаат и шефот не мора да им го одобри, треба само да му се каже терминот. Се работи во работно време, најчесто од 8 до 16 часот. И ни секунда подолго. Никогаш. Деловниот лап топ останува на работа. Ако го носиш дома и работиш, се плаќа посебен данок. Како и на прекувремената работа и на користењето на службен мобилен надвор од работното време. Деловната хиерархија е прилично апстрактна и сите мора да се чувствуваат еднакви. Деловна облека не постои. Нема неплатени прекувремени часови. Во петок наутро не се работи, колективно се појадува. Кристина во три години шефот ја повикал еден единствен пат надвор од работното време, да ја потсети дека во петок таа треба да организира појадок. Странците главно се чудат на ваквите работни навики на еден од најбогатите народи. Посебно тоа тешко го прифаќаат Британците, научени да се работи 24/7. Таква била и една членка на управата на компанијата во која работела Кристина. Појадоците во петок се одржувале на конференциска маса во нејзината лична канцеларија! Глобална, корпоративна деловна жена тоа едноставно не можела да го прифати. Во тој термин би имала телеконференции, би примала гости и одржувала состаноци, но данскиот работен колектив не можела да го одбие. Постојано ја нуделе со леб, путер и чоколадни ливчиња. Додека не се откажала и ја организирала работата надвор од канцеларијата секој петок наутро.

Многу лесно се даваат откази на данските работници, бидејќи нема отпремнина. Но, многу лесно се наоѓа работа. 700.000 Данци годишно ја сменуваат работата.

Живот до 18 часот

На просечен Хрват, навикнат речиси секоја услуга да ја добие и во 22 часот, се чини дека во Данска се што работи е како оддел за издавање на потврди за невработеност – и фризерите и педикерите и продавниците и книжарниците. Се се затвора околу 18 часот. Ако во продавница чекате и еден час во ред, за да си платите, кога ќе истече работното време, мора да ја напуштите продавницата и да се вратите утре. Излегувањето по 18 часот е помалку непристојно. Данците во 18 часот имаат заеднички оброк, ручек-вечера, а во 19 часот данските деца веќе спијат. Таков е редот. Долго најавуваниот и очекуван културен настан, гостување на германската филхармонија во Копенхаген е закажано во 17:30 часот. Еднаш Кристина се одлучила да ја испроба данската трпеливост. Заедно со две пријателки од југот отишла да прослави 8 март во ресторан на доцна вечера во 19:30 часот и цврсто се одлучила да остане колку може подолго. По 21 часот келнерите околу нив го миеле подот, ги чистеле сите маси, мрзоволно им ја донеле сметката која не ја побарале, но тие сепак останале. Во 22 часот буквално ги исфрлиле надвор.

Пола-пола

Половата рамноправност во Данска навистина живее. Во домашните и родителските обврски не е важно, се се дели по пола. Еден Данец во мултинационална компанија бил известен дека за неколку недели треба да оди на двонеделен службен пат. Веднаш побарал разговор со шефот странец и побарал финансиски надомест за прекувремената работа на сопругата дома, поради неговата отсутност. Му објаснил дека жена му сега мора да ги промени своите планови, да го преземе на себе и неговиот дел од обврските, готвењето, разнесувањето на децата. Зошто таа би се согласила на тоа? Странците останале зачудени. Но, по неколку часа консултација, се одлучиле дека е подобро на сопругата на Данецот да и платат надомест.

3. Пари, даноци, штедење

На круните местото им е во паричникот

Данците се исклучително штедлив народ и штедат на се. Храна се купува во петок, бидејќи во сабота доаѓаат нови пратки на овошје, зеленчук и месо, па во петок старата пратка се продава по акциски цени. Бидејќи преферираат свежа храна, добиваат се што им треба. Данците ретко готват, но оброкот надвор од дома го сметаат за расипништво и луксуз. Па јадат raw food. Ненаменските кредити, кои кај нас масовно се земаат кога трошиме прекумерно, во Данска се исклучително, исклучително ретки. Каматите се најмногу 3 отсто, но кредит едноставно не можеш да добиеш без крајно добра причина: банката – која неминовно заработува на такви кредити – такви кредити по правило не одобрува ни кога не е во прашање ни платежната моќ за нивно враќање. Наместо ненаменски кредити банката нуди – курс за управување со сопствените пари! Данците, концептот на минус, т.е. дозволено надминување на тековната сметка, воопшто не го разбираат.

Купуваш еден автомобил, на државата и плаќаш уште два.

Даноците во Данска се неверојатни. На луксузните автомобили данокот е 180 отсто. Значи, на цената на автомобилот плаќаш уште два пати повеќе данок. Освен ако не ги отстраниш задните седишта, тогаш тоа е доставно возило, па данокот е само 60 отсто. На станот кој ти го оставиле родителите, кои за него при купување платиле пристоен данок, ќе платиш данок и тоа од 40 до 75 отсто!

4. Чувањето на деца во Данска

Терапевтски ефект, спиење надвор

Во темно утро со студен северен ветер и со првите дождови, Кристина поминала покрај десет колички паркирани во дворот на градинката во кои повторно ќе го остави својот 1,5 годишен син. Кога слушнала стенкање и плач. Мислејќи дека и се причинило, се навалила над една количка, кога таму здогледала повиено бебе како плаче. Во девет до десет колички спиеле бебиња, на нордиски студ, без надзор! Кристина уште не знаела дека Данците длабоко веруваат во терапевтскиот ефект на спиење на децата под отворено небо, главно без надзор. И навистина не разбираат зошто остатокот од светот панично вика полиција и центар за социјална заштита кога ќе најде количка на патот во која плаче бебе. Во данските градинки такво чување на деца е стандардно. Ако случајно немаат двор, мора да имаат тераса за детска спална на отворено!

Најдобро е децата да се остават во шума

Данците екстремно се држат до екологијата и здравиот живот. Данските деца ретко добиваат чоколадца, а се внимава редовно да јадат свежа храна. Не им се купуваат играчки без мерка, треба да бидат креативни и да играат надвор, без мешање на возрасните. Затоа се исклучително популарни шумските градинки, установи поради кои сигурно во Хрватска на нозе би се кренале правобранителките за чување на деца, Министерството за образование и Министерството за социјална политика, па би барале кривично гонење на сопственикот. Се работи за градинка која во градежна смисла се состои од санитарен чвор на ливада покрај шума надвор од градот.

А собите, салата за спорт и играње, ходникот со ормарчиња за облеката и останатиот вообичаен инвентар се наоѓаат во шумата. Значи, 2 годишни дечиња престојуваат во шума, без настрешница, без зграда, без играчки, без радијатори. И тоа во држава во која силната зима трае од крајот на септември до средината на мај. Со себе носат ланч пакети, претежно свежа храна. Основно правило е дека негувателките мора да анимираат сами, без присуство на педагог. По осум часовната смена, автобусите децата повторно ги враќаат во град. Тешко е да се замисли загрепска мајка како се согласува, штотуку прооденото дете осум часа дневно само да талка низ шума на минус 10 степени. Но, исто така нема загрепска мајка, за разлика од мајките во Копенхаген, која не знае што се болести од градинките. Во шумските градинки нема ни вируси ни бактерии. Тие деца се здрави како дрен.

Бебето има температура? Па оставете го голо на снег… Данците не наседнуваат на измамите од фармацевстките лобија и не трошат лекови без врска, бидејќи од лекови болестите не се намалуваат. Тоа е мантра не само за просечните Данци, туку и на нивните лекари. По долги години отпор, ја прифати и тетка Анкица, бегалец од Босна, која веќе 20 години работи како негувателка во тамошна градинка. Тетка Анкица долго ја смирувала Кристина која добила нервен слом кога во градинка го видела нејзиното дете речиси голо по пелени поставено покрај отворен прозор во зима. Било таму, бидејќи така природно се намалува температурата! Чепчиња, стапчиња и облоги, се прва помош на секоја хрватска мајка, данските мајки најчесто ги презираат. Како што генерално презираат непотребно одење на лекар, на пример поради висока температура, или сипаници. Бидејќи на лекар не се оди без интернетска или телефонска најава, до нив е невозможно да се дојде со толку обични симптоми. Кристина на крајот за своето болно бебе се јавила на загрепски лекари, за да и помогнат телефонски или да ја подучат како да ги предимензионира симптомите за да може во Копенхаген да дојде до својот термин во ординација.

Данците сакаат да имаат деца Данска е една од ретките земји во Европа која нема сериозни проблеми со наталитетот. Нивните жени просечно раѓаат 1,8 деца во текот на животот, а хрватските едвај 1,4. И тоа е видливо веќе на улица, деца има насекаде, родителите секогаш ги носат со себе бидејќи негувателки најчесто не прифаќаат, а необично се чести двојните колички за близнаци. Данска е при врвот на земјите по уделот на жени кои се подвргнуваат на медицински помогнато оплодување. Без оглед на целосната неможност на нашето разбирање за нивните методи при чување на деца, факт е дека Данска е држава која сака деца и која сака семејство – било какво: разводите се чести, но по разводот родителите еднакво се грижат за децата. За нас е необично, но голем број на жени имаат деца од повеќе мажи. Геј паровите нормално чуваат деца, жените и самите често се подвргнуваат на вештачко оплодување. Ги почитуваат разликите на семејните структури и сакаат деца.

5. Да се биде стар во Данска

Копенхаген град без старци

Додека детски колички има на секој чекор, да се види седа глава која не е на велосипед и не оди на работа во Копенхаген е вистинска реткост. Бидејќи старите луѓе не живеат во Копенхаген. Нордискиот тип на семејство не познава баба и дедо сервис, а децата го напуштаат родителскиот дом откако ќе им дозволи законот, на 18 години.

На постари години, данските пензионери најчесто го продаваат својот стан, не го оставаат на децата бидејќи данокот би им изел до три четвртини од вредноста на станот, а со тоа и парите што е добра сума, бидејќи Копенхаген е исклучително скап, одат на некое поевтино место за живеење. Најчесто се работи за Франција и Шпанија, или данските провинции. Државните пензии се многу ниски со оглед на тамошните цени и сите се еднакви! Без оглед на тоа каде работеле, основната пензија на сите пензионери е иста. Нешто се поголеми на тие на кои фирмите им уплатувале и втор пензиски столб, но ретки се пензионерите кои во Копенхаген можат убаво да живеат од пензијата. Меѓутоа, тие пари во Шпанија вредат многу повеќе и гарантираат пристоен живот. Замислете баба и дедо Хрвати кои го продале својот стан и не сакаат да го остават на детето, отишле да живеат на друг крај на континентот и го оставиле детето само да се грижи за нивните двете внучиња. И таму уживаат во долги прошетки, а децата ги канат евентуално за Божик?

6. Здраво, еко и макси

На фризура во Загреб

Влез во некоја дрогерија и внимателно избирање на шампони или гелови за туширање се ситни и вообичаени радости на добар дел жени во Хрватска. Во Данска не сметаат за луди. Кај нив е важно да е здраво, еколошки и во макси пакување. Како да сум се вратила на почетокот на 80-тите во Југославија, вели Кристина. Нема шарени полици ни мирисни понуди: пакувањата се пет литарски, без мирис и адитиви. Не се пенат, тоа им е заедничко. Како многу пати претходно, нејзиното чудење наишло на недоразбирање: не ја загадува водата, што повеќе би сакале?

Се уште не се помирила со капењето без пена и мирис, кога сфатила дека нејзиниот вообичаен фризерски третман, сиво-сребрени прамени секои три месеци, во Копенхаген едноставно не се возможни, дури ни кога би се одлучила за нив да даде пола плата. Бидејќи таква силна хемикалија со која би се добиле саканите прамени едноставно се неприфатливи: таму можат да се добијат само еко натурал прамени. Барала и во скапи фризерници, а застанала кај понуда од 5000 круни. Додека не сфатила, поевтино е да отиде во Загреб и да направи прамени, а попатно да купи и миризливи тромесечни резерви на гелови за туширање. Авионската карта чини 1000 куни, а најдобрите прамени 600 куни. Така правела цели три години во Копенхаген: секои три месеци одела во Загреб на фризер.

7. Интимноста и голотијата

Зошто завеси?

Колку земјата е појужно, повеќе користи покривки, завеси, ткаенини. Колку е посеверно, покривките се повеќе паѓаат. На пример, Данците, сакаат стаклени ѕидови и се стекнува впечаток дека нормални ѕидови користат само внатре во куќата или станот, никогаш како надворешни. Нивните домови се стаклени, проѕирни, отворени во секој поглед. А завеси не користат. Не им е непријатно да се соблекуваат пред прозори, а Кристина неколку соседи ги фатила како безгрижно водат љубов. На локалниот базен, на кој многу често доаѓаат мајки со деца, вообичаено е пред влегување во базенот сите жени да се соблечат и заедно да се тушираат, коментирајќи една на друга. Нема срам, дури ни пред децата кои се речиси во пубертет. Само Кристина се туширала во баде костим.

Како правилно луѓето да се самозадоволуваат?

Во четврток навечер на првата програма на јавната данска телевизија, во 21 часот оди многу гледаната образовно-документарна емисија која Данците многу ја сакаат. Бидејќи е документарна и образовна. Така на пример, еден четврток стручна соработничка во студиото во живо едуцирала и покажувала исправни техники на самозадоволување, како и компаративните предности на разни справички, додека друг гостин тоа мирно и стручно го коментирал. – Емисијата беше крајно сериозна, како интервју кај Бранимир Билиќ – констатира Кристина, која не можела да поверува што гледа.

8. Слободно време

Кафе? Може, од нога

Часови поминати на кафе, значи во кафуле каде ве служат љубезни келнери кои прават трилион разни комбинации на кафе со млеко – Данците не практикуваат. Ниту пак го разбираат тој наш обичај, таа насушна потреба. Во данските кафулиња кафето се пие на шанк, се чека во ред да се купи и тогаш се бара место меѓу ретките маси. Потоа се оди по шеќер и вода, кои стојат на другиот крај од просторијата: водата стои во бокал и се става во пластични чаши. Ако се најде слободна маса, која најчесто гостинот сам ја чисти од насобрани шољи, не е вообичаено да се седи долго и да се зборува. На Кристина не и преостанало ништо друго туку со пријателката Тамара, исто така од овие краеви и со јапонски туристи повремено да пие кафе во Копенхаген Ројал, а еспресото да го плаќа 10 и повеќе евра. Единствено таму работат келнери.

Индивидуалци, не се за друштво

Да се спријателиш со данско семејство, онака да си доаѓате дома, да ги каните на вечери, да одите на пијалак и плаќате неизменични тури, да им се јавите во последен момент кога нема кој да ви ги причува децата и не си ги броите услугите, е многу, многу тешко.

Тие се непоправливи индивидуалци. Кристина сепак токму тоа си го поставила како задача. На почетокот без предрасуди ги канела колегите и родителите на пријателите на син и на вечера. Сите уредно доаѓале, но никој не ги канел назад за возврат. Се додека една колешка не ја поканила на суши забава, мало дружење со колегите кај неа дома, по повод унапредувањето, на кое секој сам ќе си го направи своето суши. Било пријатно и лежерно. И додека забавата веќе паднала во заборав, Кристина еден ден на маса ја дочекала порака: должна е 100 круни. За состојките.

]]>

Најнови вести

Најново од Ракурс

Најчитани вести