Демарш од Атина до Киев за украинскиот поморски дрон во Јонско Море

Поморскиот дрон откриен во грчките територијални води ја стави во сериозна опасност поморската пловидба и можеше да предизвика човечки жртви меѓу невини цивили, но и непроценлива штета врз животната средина, посочила Атина во двата официјални демарши на 28 и 29 мај до Киев за украинскиот поморски дрон што на 8 мај беше откриен во Јонско Море во близина на Лефкада, соопшти портпаролката на грчкото МНР Лана Зохиу на денешниот редовен брифинг со новинарите, јави дописничката на МИА од Атина.

Зохиу објасни дека откако го добиле извештајот од Генералштабот на армијата во врска со поморскиот дрон, министерот за надворешни работи на Грција Јоргос Герапетритис, за резултатите од истрагата ги информирал високата претставничка на ЕУ за надворешна политика и безбедност Каја Калас, генералниот секретар на НАТО Марк Руте, а прашањето го покренал и пред украинскиот министер за време на состанокот на Гимних на Кипар.

Паралелно на 28 и 29 мај постоел и официјален демарш на усно и писмено ниво во Атина и Киев.

Зохиу посочи дека во демаршот Грција го изразила нејзиното „силно противење на незаконското присуство на вооружениот поморски дрон во грчките територијални води“ и паралелно „ја повикува Украина да се воздржи од слични дејствија во иднина, како и од неоправданото пренесување на воените операции во Медитеранот“.

– Со пренесувањето на воените операции во Медитеранот, на големо растојание од вистинскиот фронт на војната, се доведуваат во прашање нашата национална безбедност, а нашата национална економија трпи значителен удар. Правото на Украина на самоодбрана не може да оправда ваков вид дејствија, нагласи Зохиу.

Таа додаде дека очекуваат официјален одговор од Киев. 

МИА

Најнови вести

Најново од Свет

Најчитани вести