Албанската опозициска Демократска партија ја одби поканата на шефот на државата, Бајрам Бегај, околу одредувањето на датумот на парламентарните избори.
Претставници на партијата требаше да се сретнат со претседателот денеска претпладне, но како што и претходно најавија не дојдоа.
– Средбите се само фарса. Претседателот е едностран а не независен како што му налага функцијата. Денот на изборите веќе го има одредено Еди Рама, рече Газменд Барди, координатор на пратеничката група.
Тој заедно со генералниот секретар Фљамур Нока требаше да одат на средбата, бидејќи лидерот Сали Бериша е во домашен притвор.
Во текот на денов Бегај треба да се сретне со претставници на владејачката Социјалистичка партија а потоа и со претседателот на Централната изборна комисија, Илирјан Целибаши, по што ќе потпише уредба за датумот на 11-те парламентарни избори по падот на тоталитарниот режим.
Консултациите шефот на државата ги почна во вторникот со средбата со четири помали опозициски партии, кои му предложија изборите да бидат на 4 мај.
Во четвртокот се сретна со претставници на Партијата на слободата на Илир Мета, кој е во затворски притвор, по која генералниот секретар Теди Блуши, рече дека се согласуваат со секој датум, освен оној кој ќе го предложат социјалистите.
Бегај средба имаше и со поранешниот претседател на ДП, Љуљзим Баша, сега лидер на крилото ДП-евроатлански демократи.
Парламентарните избори, според изборниот законик треба да се одржат во периодот од последната недела од април до првата недела на мај следната година.
Во последните три изборни циклуси победа извојува Социјалистичката партија на Еди Рама.
МИА


