Боречките вештини на министерот за здравство Никола Тодоров дојдоа до израз на денешната пленарна седница на Собранието на која тој ефикасно се пресмета со микрофоните кои се поставени на говорницата. Причина за оваа „пресметка“ беше прашањето на пратеникот од НСДП Горан Мисовски кој во својот говор го праша министерот дали ќе чека да биде сменет од премиерот Никола Груевски или сам ќе си поднесе оставка поради негативниот извештај на државниот ревизор за работењето на Министерството за здравство.
-Во извештајот е изразено негативно мислење во однос на вистинитоста и објективноста на финансиските извештаи како и негативно мислење во однос на усогласеноста со законските прописи- рече Мисовски.
Сосема неочекувано, министерот Тодоров, видно вознемирен, со повишен тон му се обрати на пратеникот Мисовски обвинувајќи го дека манипулира за да заработи ситни политички поени.
-Вие мене неосновано ме правите криминалец. Јас со мојата работа имам заштедено еден милион евра од буџетот-рече Тодоров и ги удри микрофоните веројатно за да демонстрира колку е револтиран.
-И покрај вашето насилничко однесување, вие не одговоривте зошто државниот ревизор ви дал негативен извештај-заклучи Мисовски.


