Од нова година, се зголемува акцизата за дизелот. Со Буџетот за 2018 та Владата проектираше зголемување на акцизата за нафта за 3 отсто, што ќе значи раст на цената за 3,5 денари по литар, заедно со пресметано ДДВ. Министерот за финансии вели дека зголемувањето на акцизата ќе го зголеми приходот во буџетот за околу 32 милиони евра, а растот на цената на дизелот нема да изврши инфлаторен притисок .
„Ова што ние го даваме како предлог се однесува само на дел, значи на нафтата не на бензинот и не секако на струјата. Заради тоа, тоа е мало делче кое што ние во нашата проекција за инфлација од 1,7 го предвидуваме за 2018 година. Значи јавноста треба да биде мирна, не очекуваме никакво инфлаторно придвижување“, вели Драган Тевдовски – Министер за финансии
Одлуката на владата за раст на давачката за нафта, кој ќе предизвика и пораст на крајната цена, со различни мислења е дочекана од граѓаните, но и од директно засегнатите – такси превозниците.
„Па нормално е, треба да се зголеми акцизата од причина што ние не произведуваме нафта, ние купуваме и сите тие се акцизни стоки и акцизните стоки се плаќаат многу повеќе од тоа што ние сметаме дека треба да се плати“,
„Па влијае врз народот, особено на нас таксистите ни пречи Ќе се качи денес, утре, а цената останува на фискалните таксиметри иста, што значи за нас не е добро“, велат анкетираните таксисти.
„Што е тоа еден посто, многу малку се одразува на граѓаните“,
„Не возам и не ме интересира. Се едно ми е дали се поскапува или не“, велат анкетирани граѓани.
Од сојузот на стопански комори не сакаа да излезат со став бидејќи допрва велат треба да направат проценки за ефектот од зголемувањето на акцизата. Сепак дел од економската фела е загрижена дека зголемената акциза ќе има инфлаторски последици.
Од Министерството за финансии велат дека ваквата одлука е резултат на воведување на еколошки стандарди за заштитата на животната средина. Дизелот, како гориво досега беше поевтин во однос на бензините, а главно го користат постарите возила, со што се смета дека нафтата е еден од загадувачите, особено во градовите со поголем сообраќај.


