Пред пет дена кобната домашна пита со праз направена во домашни услови, затрула семејство од Скопје. Питата ја правела седумдесет и деветгодишната Ц.С. во летната кујна во нивниот семеен двор, а ја јаделе заедно со нејзиниот син и снаа, објави Фокус од свои извори. Тие јаделе во дворот, каде што ги виделе соседите исполегнати на масата и се јавиле на службите за брза помош.
Како што инфоримараше МВР, на 17.10.2023 во 12.00 часот во Полициската станица Кисела Вода, од Клиниката за токсикологија при Комплексот клиники „Мајка Тереза“ било пријавено дека на 15.10.2023 кај нив за укажување лекарска помош биле донесени Ц.С.(79), Ѓ.С.(55) и Д.Ќ.(47), сите од Скопје, затруени од домашна храна која била направена во нивниот семеен дом во Скопје.
„Лицата биле задржани за понатамошно лекување. Известен е јавен обвинител. Од местото на настанот подигнати се доказни материјали за вештачење и се преземаат мерки за расчистување на случајот“, соопштија од МВР.
На 19.10.2023 од Комплексот клиники „Мајка Тереза“ било пријавено дека едно од лицата починало и телото е дадено за обдукција. Се работи за снаата, 47 годишната Д.Ќ., додека жената што ја правела питата е во кома, а нејзиниот син се бори за живот.
Според информациите што ги објавија дел од некои медиуми, се работи за отров, познат како ланата, ставен во питата место сол. Го чувале во тегла како отров за глувци и ненамерно завршил во храната.


