Драстичен пад на добивката на косовски телеком

На косовскиот телеком, (ПТК) некогаш најпрофитабилна компанија, сега ништо не и оди од рака, како од аспект на приватизацијата така и реализацијата на бизнис планот, јавува дописникот на МИА.

Месец септември до сега бил „најтемен“ период во нејзиното работење кога станува за приходите.

Според весникот „Трибуна“ во споменатиот месец добивката забележала рекорден пад од 64 отсто, споредно со истиот месец лани. За септември предвдено било да се реализираат 4,6 милиони евра, а биле остварени само 2,6 милиони евра, или помалку од предвиденото за 51 отсто.

Повеќе од сигурно е дека ПТК ни од далеку нема да го остари ни годишниот план.

Во средината на минатиот месец, косовските авторитети по четврти пат, го одложија потпишувањето на договорот за приватизација на „Посттелеком на Косово“ (ПТК) и наместо на крајот од октомври, потпишувањето е одложено за 26 декември.

Ваква одлука владината комисија за приватизација на ПТК донела откако во косовскиот парламент не помина изгласувањето на приватизацијата. Имено, владејачкото мнозинство не успеа да обезбеди потребен број гласови за да биде изгласана приватизацијата на 75 отсто од акциите на ПТК. Од друга страна, пак, опозицијата не успеа да издејствува формирање посебна комисија за истрага на процесот на приватизација.

Во средината на април годинава комисијата за оценување на понудите за најдобар понудувач на тендерот ги прогласи „Аксос“ и „Најфи“, кои за 75 отсто од акциите понудија 277 милиони евра.

Најчитани вести