ДВ: Трамп му се закани на Иран со уште пожестоки напади

Американскиот претседател Доналд Трамп го предупреди Иран дека ќе биде погоден „дваесет пати посилно“ доколку Техеран го запре протокот на нафта низ Ормускиот Теснец, пишува Дојче Веле.

Во објава на Трут соушал, Трамп напиша дека таков потег  би довел до напади  кои би направиле  Иран да биде „речиси невозможно“ повторно да се изгради.

„Смрт, оган и бес ќе се струполат врз нив“, објави американскиот претседател, додавајќи дека се надева ова да не се случи.

Претходно, американскиот претседател  Доналд Трамп  оцени дека војната против Иран е во голема мера решена и дека нејзиниот крај е многу близу. На прес-конференција тој изјави дека САД се пред предвидениот план, но не прецизираше на кој временски план мисли. На новинарско прашање дали конфликтот може да заврши веќе оваа недела, Трамп одговори со „не“, но додаде дека крајот ќе настапи „многу скоро“, без да наведе конкретен датум.

Трамп тврдеше дека САД „во многу аспекти веќе ја добиле војната“, но, како што рече, „сè уште не доволно“. Притоа ги пофали операциите на американската армија, истакнувајќи дека  иранските вооружени сили се речиси целосно оневозможени. Според него, главната опасност во конфликтот е елиминирана во последните три дена, но не даде дополнителни детали.

Иранската воена инфраструктура „речиси уништена“

Во интервју за Си-Би-Ес претходно истиот ден, Трамп изјави дека Иран останал без морнарица, комуникациски системи и воздушни сили. Според него, ракетните капацитети на Техеран се „речиси целосно уништени“, а фабриките за беспилотни летала, како и самите дронови, биле ставени надвор од функција. „Воена сила, во суштина, повеќе немаат“, нагласи тој.

Трамп додаде дека САД во моментов се насочени кон целосно спречување на иранското производство на дронови. Според него, бројот на ирански лансирања на беспилотни летала се намалил за 83 проценти, а американските сили уништиле 51 ирански воен брод. Од почетокот на војната, на крајот на февруари, американската армија гаѓала повеќе од 5.000 цели на територијата на Иран.

Текстот во целост на следниот линк

Најнови вести

Најново од Свет

Најчитани вести