Егри – Хроника на едно вмровско село

Пред некој ден  бев во битолското село Егри. Тоа е едно типично македонско село уништено во време на „Земјоделската влада“ на Груевски.

Улици во облак од прашина, сред село продавница за основни продукти и пиво за уморните земјоделци, брчат трактори стари по 30 години и намрштени, од сонцето изгорени лица кои едвај ќе ви прозборат некој збор, небаре вие сте виновни за нивната беда.

„Мене политика не ме интересира“, е првото нешто што ќе ви го кажат додека стоите со испружена рака за добре најдов.

Дека не ги интересира политика се гледа, половина село со црвени маици „Има разлика“, а никако да ја направат разликата, да имаш и да немаш, да бидеш слободен и да се плашиш, да имаш пари и да ти празен џебот.

Треба да ве интересира, им велам , бидејќи од политиката на актуелната власт ви зависи како ќе живеете. Кога ќе ви ги дадат субвенциите, дали ќе имате вода за наводнување, колкава ќе биде откупната цена на пченицата, дали ќе има пласман пеперот и бостанот…

А каде ви е шеќерната репка, ги прашувам. Овде имаше 6000 ха до 2006 година, сега 0 хектари.

Зошто немате вода за наводнување, зошто ви горат нивите? Нели имате платено на ЈП Стрежево? Зошто владата дозволува вака да се изживуваат со вас? Зошто не се буните? Па на власт се „вашите“ одете пред Влада, реагирајте, барајте, протестирајте, блокирајте патишта…

Се лутат, не им се допаѓа тоа што го слушаат. Го знам тоа чувстсво, човек најмногу се лути  кога знае дека е виновен.

Ги потсетувам какви емисии снимавме овде, какви битки водевме преку А1, секој си кажуваше што мисли, се жалеа, ја критикуваа власта, бараа да им биде подобро…

„Добро, добро, те разбравме …само кажи што да правиме?

Земјоделецот треба да го интересира добра земјоделска политика  а не која партија ја нуди. Се додека партиските интереси се пред личните и семејните тој ќе биде само роб на партијата чиј симпатизер е.

Јас сум сигурна во ова што го зборувам сега и тогаш пред 10 години, земјоделците мора и треба да живеат достоинствен живот, нивниот труд да се почитува и вреднува, да имаат редовни субвенции, државата да им обезбеди зелена нафта, ладилници, инвестиции во наводнувањето, прераспределба на државната земјоделска земја, сигурен откуп, гарантирани цени.

Јас сум сигурна дека жителите на Егри ќе сакаат да им ја  вратиме шеќерната репка на нивите, да им покажеме дека не се сите  политичари исти и дека навистина треба да направат разлика.

Ленче Николовска

 

 

 

Најнови вести

Најново од Агро Бриф, Ударни вести

Најчитани вести