Експерти тврдат дека сириските бегалци го помогнаа растот на турската економија

Новинарот Керим Каракаја, специјализиран од областа на економијата и соработник на реномираните весници како што се The Wall Street Journal и Bloomberg, во една статија укажува на тоа дека сириските бегалци влијаеле на турската економија.

Турската економија, во текот на изминатите четири години, растеше во просек од 3 отсто, што е под 50-годишниот просек од 4,5 отсто, вели Каракаја во списанието Ал-монитор, кое интензивно го следи развојот на настаните на Блискиот Исток.

Но, во последниот квартал од 2015 година, Турција забележа раст од 5,7 отсто, според мислењето на експертите, под влијание на фактот дека во Турција дом пронајдоа околу три милиони бегалци.

Според УНХЦР, минатата година во Турција се вдомија околу еден милион бегалци, а вкупниот број на бегалци достигна речиси три милиони.

Економистот Ерџан Ерѓузел, кој работи за Morgan Stanley, вели дека растот на БДП на Турција, кој е резултат на зголемувањето на домашната потрошувачка, не може да се објасни со зголемување на просечните плати и трендот на раст на задолжување на турските граѓани, што заврши во 2013 година. Според експертот, растот на домашната потрошувачка може да се објасни со зголемениот прилив на бегалци.

Иако експертите се согласуваат дека зголемувањето на бројот на бегалците придонесе за раст на БДП, не постои единствен став кога тој придонес треба да се измери.

Затоа, економистот Муамер Комурчуоглу смета дека зголемувањето на бројот на бегалци, во растот на турскиот БДП од 5,7 проценти, би можело да влијае помеѓу 0,5 и 1,7 отсто.

Но, експертите посочуваат дека зголемувањето на бројот на бегалците негативно влијаат на други индикатори. Околу 300.000 бегалци работат, најчесто илегално, што ја зголеми невработеноста во Турција која изнесува 10,3 отсто.

Влијанието на бегалците на инфлацијата е предмет на контроверзии. Додека некои аналитичари сметаат дека бегалците придонесоа за зголемување на инфлацијата, други, вклучувајќи ја и Турската централна банка, се противат на таквата теорија.

Долгорочно гледано, експертите веруваат дека, додека престојуваат во Турција, бегалците ќе придонесуваат во растот на БДП, но, исто така, ќе се зголемува и стапката на невработеност.

Најчитани вести