Со низа практични совети кои се дел од проектот „Енергетска математика“, ЕВН Македонија ќе ги учи најмладите како да ги намалат трошоците за електрична енергија и да бидат енергетски ефикасни. Основна цел на платформата е да се подобри свеста на граѓаните и на фирмите за заштедата на електрична енергија.
„Заеднички ќе се обидеме да покажеме како може да се заштеди електричната енергија, односно како да се намали потрошувачката на енергија, а да не се загуби удобноста и комфортот. За да се постигне тоа, потребно е да се направат мали промени на нашите навики. Новата серија „Енергетска математика“ ќе ни даде одговори на практични начини, како на пример, што значи еден киловат час енергија“, вели Штефан Петер Претседателот на Управниот одбор на ЕВН.
Претходниот проект на ЕВН Македонија „Енергетска азбука“ веќе даде резултати и дури 30 отсто од компаниите веќе ги промениле машините со нови, кои се енергетски ефикасни, а со тоа ги намалиле и трошоците. И државата преку нов фонд кој треба да се формира, ќе помогне во инвестирање за енергетска ефикасност.
„Имајќи предвид дека Македонија има енергетски дефицит, од исклучително значење е да се работи на енергетската ефикасност. Ова е сегмент на кој работиме со голема посветеност, во поглед на регулативата и институционалните подготовки. За таа цел Владата и Министерството за економија имаат донесено стратегија за унапредување на енергетската ефикасност на Македонија до 2020 година како и првиот акциски план за енергетска ефикасност. Во владина постапка е и донесување на вториот план за енергетска ефикасност, како и изборот на модел за формирање фонд за енергетска ефикасност, со што ќе се создадат услови за обезбедување финансиска поддршка за реализација на активностите содржани во акцискиот план“, изјави Беким Незири – министер за економија.
„Во иднина, само оние кои навремено ќе ги согледаат предностите на рационалното искористување на ресурсите, ќе бидат тие кои ќе просперираат понатаму. Во оваа глобална трка, само најефикасните ќе ја поминат целта“, рече Александар Дуковски – Директор на агенцијата за енергетика.
Според математиката, ако една светилка ја оставиме да свети 10 часа, ќе потрошиме еден киловат час електрична енергија. Со тој киловат час може да испегламе десет кошули, да испечеме торта или пет часа да сурфаме на интернет.
Извор:Алсат-М


