Претставници на локалните власти од Кемниц (Германија), Горица (Италија) и Нова Горица (Словенија) денеска ќе престојуваат во Скопје, каде заедно со Град Скопје ќе реализираат низа активности посветени на размена на искуства поврзани со титулата „Европска престолнина на културата“, која Скопје ќе ја носи во 2028 година.
Програмата започнува со состанок на високо ниво во Град Скопје, на кој градоначалниците и делегациите ќе дискутираат за можностите и предизвиците што ги носи организацијата на овој значаен европски културен настан.
По состанокот, предвидена е симболична прошетка низ централното градско подрачје, од мостот „Гоце Делчев“ до „Јуроп Хаус“ во Скопје.
Официјалното отворање на работната сесија ќе се одржи во „Јуроп Хаус“со воведни обраќања од вршителот на должноста амбасадор на Делегацијата на Европската Унија, Бен Нупнау, градоначалникот на Скопје Орце Ѓорѓиевски, како и градоначалниците на Нова Горица и Горица – Само Турел и Родолфо Зиберна. Свое обраќање ќе има и претставничката од Кемниц-– Европската престолнина на културата, Џозефин Хаге.
По отворањето ќе се одржи техничка работилница, на која претставниците на Европските престолнини на културата за 2025 година ќе ги споделат своите искуства и добри практики со организацискиот тим „Скопје 2028“.
Посетата ќе биде заокружена со отворањето на изложбата „Инспирација“ во Музејот на Град Скопје, која содржи фотографии од Европските престолнини на културата за 2025 година. Изложбата ќе биде отворена за јавноста, бесплатно, од 15 до 26 април годинава.
МИА


