Филипче: Извештајот на ЕП го потврди СДСМ, нема реформи, нема борба против корупцијата, нема напредок

Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, на денешната прес-конференција потенцираше дека извештајот на Европскиот парламент ги потврдува предупредувањата на СДСМ за состојбите во државата, посочувајќи дека нема реформи, нема борба против корупцијата и нема напредок на европскиот пат.

„Извештајот на Европскиот парламент е јасен, остар и недвосмислен, а тоа е дека едноставно немаме напредок на европскиот пат. Премиерот јавно зборува дека нема да имаме, ниту може да очекуваме од него и од оваа влада некаков напредок на европскиот пат. Европратениците, прво, изразуваат загриженост дека судскиот систем, независноста на судството, обвинителството, како и напорите за јакнење на владеењето на правото и борбата против корупцијата не напредуваат доволно. Понатаму, констатираат со загриженост дека не е постигнат напредок во спречувањето и борбата против корупцијата во многу области, како и дека има длабоки структурни слабости и негативни трендови во функционирањето на судството, вклучително и недоволно финансирање и кадровска екипираност на судските институции, што ја поткопува судската независност“, обвини Филипче.

Филипче потенцираше дека СДСМ со месеци наназад предупредуваше на овие состојби, за секоја од овие точки, а сега ова го потврдува и извештајот на Европскиот парламент.

„Извештајот повикува на итно воздржување од политичко мешање во правосудството и ја нагласуваат важноста од заштитата на интегритетот, вклучително и преку зајакнување на Судскиот совет, согласно препораките и мислењето од мисијата за колегијална ревизија на Венецијанската комисија од 2023 година. Тоа е истата поента за која што ние предупредувавме и реагиравме“, рече Филипче.

Претседателот на СДСМ се осврна и на забелешките во однос на Кривичниот законик и антикорупциските политики, потенцирајќи дека е потребен нов Кривичен закон, кој е веќе подготвен и на кој се работеше и на крајот од мандатот на владата на СДСМ, изготвен по примерот на германското законодавство.

„Се повикува Владата на подобра имплементација на Националната стратегија за спречување на корупцијата. Понатаму, се нотира странско мешање, вклучително и преку медиуми под унгарско влијание кои шират антиевропски наративи. Не го кажува ова Венко Филипче? Ова го кажува извештајот на Европскиот парламент. Го потврдува тоа што го говориме со месеци наназад. Дека има медиуми коишто шират антиевропска кампања и антиевропски наративи. Изразуваат загриженост поради стратегиското преземање на клучни телевизиски станици и новински портали од страна на унгарски медиумски лица, со што се овозможува антиевропските наративи да навлезат во јавната дебата. И ова е тоа што исто така го говоревме изминатите месеци“, рече Филипче.

Филипче посочи дека пораките од Европскиот парламент се јасни и недвосмислени.

„Значи, Европскиот парламент јасно порачува дека реформите не се спроведуваат, а политичка волја да се продолжи европскиот пат едноставно не постои. Зошто е тоа така? Премиерот јасно и јавно кажува. Нема да одиме напред кон Европа. Единствен кривец за тоа што ние не напредуваме на европскиот пат е Христијан Мицкоски и оваа влада.“, обвини Филипче.

СДСМ Центар за комуникации со јавноста

Најнови вести

Најново од Македонија

Најчитани вести