Филипче: Младите бараат систем, само со членство во ЕУ можеме да го направиме

Младите бараат систем, само со членство во ЕУ можеме да го направиме, рече претседателот на СДСМ, Венко Филипче, во интервју за „Слободен печат“, потенцирајќи дека суштината на политиките на СДСМ е воспоставување на функционален систем во државата, заснован на мерит принципи, и дека токму тоа е она што граѓаните, особено младите, го очекуваат.

„Една од најбитните работи, ќе поставиме систем. Мерит системот ќе биде на прво место, затоа што луѓето овде сакаат систем да видат. Не еден човек или некоја група на луѓе да владее, сакаат систем. Тоа сакаат младите, затоа заминуваа, не заминуваат само заради платите и стандардот. Заминуваат и поради тоа што нема систем. А можеме да го направиме ако тргнеме по европскиот пат, како што впрочем направиле другите земји коишто, еве пред нас последни влегоа во Европа, Хрватска и Бугарија. Гледајте како се трансформира, гледајте како Хрватска се трансформираше“, рече Филипче.

Филипче истакна дека отворањето на преговорите со ЕУ ќе придонесе за суштински реформи, вклучително и во правосудството и борбата против корупцијата, како и за поголема финансиска поддршка преку европски фондови.

„Па зарем не сме ние посилни кога седиме на маса и преговараме со Европа? И тогаш сите коишто ќе детектираат непринципиелна блокада ќе бидат на наша страна. Ќе тргнеме во патот којшто веќе ќе ја зајакнува земјата. Ќе се отворат фондовите за време на преговорите. Ќе стигнат грантови. Ќе можат да растат платите, ќе можат да растат пензиите, ќе може да расте социјалната помош, ќе се менува државава, ќе се градат патишта и пруги со грантови, а не со скапи кредити како што сега ги зема владата.

Се поставува прашањето зошто не го прави чекорот којшто ќе ни овозможи неповратни средства и грантови, туку зема суми на пари од милијарди евра, коишто ги враќаат следните генерации, за истото тоа за што Европа дала пари во земјите членки и додека преговарале“, рече претседателот на СДСМ, Венко Филипче.

СДСМ Центар за комуникации со јавноста

Најнови вести

Најново од Македонија

Најчитани вести