Фондот за иновации ќе финансира и поголеми компании

Мали и средни претпријатија кои остваруваат годишен приход поголем од еден милион евра ќе финансира Фондот за иновации и технолошки развој. Ова го најави директорот Јован Деспотовски кој рече дека досега финансирале само стартап и микро фирми и компании што имаат помал приход од еден милион евра годишно. Поради тоа искористеноста на средствата кои се на располагање била само девет проценти.

„Нашата цел е фокусот во наредните година до две да го прошириме и продлабочиме со тоа што ќе им понудиме на малите и средните компании кои досега не биле толку многу таргетирани со активностите на Фондот да ја подигнеме нивната свест за финасиските можности кои ги нудиме за развивање и да го зголемиеме нивниот капацитет за успешно да аплицираат и да добијат средства за воведување нов продукт, услуга или работен процес, рече Деспотовски.

Вели дека очекува наскоро значително да се зголеми финансискиот потенцијал со кој располага Фондот и додаде дека за 2018 година се планира да изнесува од 15 до 20 милиони евра.

„Се работи на презентирање на можностите пред малите и средните претпријатија и на развивање на два нови инструмента. Првиот е за примена на иновациите во јавниот сектор со кој на нашите корисници што ќе развијат нови производи и услуги ќе им понудиме нов пазар – јавниот сектор. Вториот е за техничка поддршка со кој ќе им се понуди експертиза на товар на Фондот во фазата на разработување на идејата и бизнис планот за да можат компаниите успешно да аплицираат за средства за развивање на својот бизнис, појасни Деспотовски.

Деспотовски зборуваше на работната сесија „Локалната самоуправа како предуслов за развој на МСП“ на
одбележувањето на 12-от „Европски ден на претприемачот и Европската недела на МСП“.

Ѓорѓи Рафајловски од Технолошкиот парк на Универзитетот на ЈИЕ посочи дека поддршката за иновативните компании кои сакаат да работат е неминовна и тоа не само за услугите и производите, туку и за намалување на трошоците или зголемување на додадената вредност.

„Нашите млади имаат што да му покажат на светот, односно имаат знаење, искуство и вештини со кои можат да се натпреваруваат на пазарите во светски рамки. Наша должност и обврска е да им помогнеме тоа да го направат полесно и побрзо“, рече Рафајловски.

 

Најнови вести

Најново од Економија

Најчитани вести