Шефот на македонската дипломатија и претседавач на ОБСЕ, Бујар Османи, утрово пристигна на Главната железничка станица во Киев и ја почна посетата на Украина.
Османи, по пречекот веднаш се упати во посета на градот Бородјанка, во киевската област, кој е силно погоден од воените дејствија, соопшти МНР.

Во рамките на посетата, предвидени се низа средби со високи претставници на државната власт на Украина.
Посетата на Османи на Киев е во рамките на реализацијата на еден од главните приоритети на Претседавањето – состојбата во Украина, со посебен фокус кон луѓето на терен кои се најпогодени од воената агресија – За луѓето се работи!, наведуваат од МНР.
„Тукушто пристигнавме во Киев, прва работна посета во рамки на Претседавањето со ОБСЕ. Ќе одиме на терен да ги посетиме областите погодени од воените дејствија и директно да се сретнеме со луѓето“, напиша министерот и на својата страница на Фејсбук.
Тој додаде дека планирани се и бројни средби со високите државните претставници на Украина.
„Состојбата во Украина, со посебен фокус кон луѓето на терен – еден од главните приоритети на #ОБСЕ2023 За луѓето се работи“, напиша Османи.


