Дел од колумната „Пастиријада“
на Љубомир Д. Фрчкоски
Значи, драги мои, директорката на Академијата за судии е соблазнета што ЕУ се дрзнале и направиле „упад“ во нашето судство и кажале дека тоа дели селективна правда. За госпожата тоа била голема навреда.
Морам да кажам дека тоа навистина е навреда и дека е упатена на вистинското место. Личноста потоа ( единствена која го коментира негативно последниот ЕУ рапорт, до сега ) си дробеше ред други соблазности небидувајќи свесна што зборува.
Имено „директорица са слабим оценама“ од ЕУ , вели: .. „се направивме што бараа од нас, колку само закони донесовме, колку проекти реализиравме ( со ЕУ пари ) и како резултат на сето тоа – во последниот ЕУ Рапорт, кој е најлош до сега за судството – ни велат дека имаме „селективна правда“, политички притисок врз судиите…“. Ц, Ц, Ц, невоспитание едно!
Можеби е преамбициозно да се очекува дека персоната разбира што вели, кога констатира: дека земјата донела се што треба од законите и тренинзите на судии – а резултатите се полоши од претходните. Тоа значи дека земјата нема што повеќе да стори! Тоа значи дека и покрај целата операција на „прикривање“ со носење на законите и тренинзите, проектите и сл.. резултатот е полош! Тоа исто така значи дека моќта на политиката која влијае врз судството во делење „селективна правда‘‘ е толку силна што земјата нема никаква перспектива за напредок на тоа поле. Земја која, на пример, не ги донела потребните закони и не ги завршила потребните тренинзи на судии – можеби има шанси да се надева дека ќе се поправи ако тоа го стори. Но земја која сето тоа го сторила и сепак има, не ист, туку полош резултат – е безнадежен случај.
Но, драги мои, вакви кариери и трагедија има многу во нашата неслобода и бесчестие. Тие се отпадната иверка од стругот на авторитарниот популизам кој ги корне од почвата сите вредности, ги бламира луѓето (кои и сами учествуваат во себебламирањето ) и на глава ги превртува. Тој единствено прави „соба на ехо или соба на огледала‘‘ од независните институции (според Уставот) во кои се огледува ликот на пастирот. Тоа е земјата на фамилијата на пастирот, земјата ПАСТИРИЈАДА…
… Инаку, драги мои, во регионот на западен Балкан има различни степени на развиен авторитарен популизам. Од Македонија, каде системот многу бргу за овие 7 години успеа да се заокружи, преку Србија каде системот е во траги низ судството, академиите, во Албанија во периодот на власта на Бериша, Црна Гора е еден давителски авторитаризам, помек, но исто така умртвувачки и сл.
Авторитарниот популизам има насекаде стапнато и затоа заедничка стратегија на ЕУ кон таа појава е НУЖНА и одржлива. Таа е единствен гарант на успехот на вистинско реформирање на овие земји ( и да не спаси од дрдорењето на вакви госпожи ).
Што е карактеристика на авторитарниот популизам на Балканот, кој работно би го нарекле – канибалски популизам?
Како и популизмот пошироко, авторитарниот популизам не е концепт на кохерентни политики. Тој е повеќе вреќа која собира ЗАМИСЛЕНИ политики. Во таа смисла е лепенка, асамблаж, но се карактеризира со специфичен лепак, поврзна политичка догма: имено тој ја користи тезата ДЕКА Е БЛИЗОК СО НАРОДОТ. Тоа е клучот и сврзивното ткиво на толку различни политики или замислени политики да можат да се изложат во една програма. Дека ЕЛИТИТЕ се закопани и корумпирани и не го СЛУШААТ гласот на народот.
Но внимателно, полукав е од историските примери, со тоа што е целосно ПРОЦЕДУРАЛЕН (тука и во тоа ја оневозмозува опозицијата да го нападне, посебно Социјалдемократијата која е процедурална во историјата на своето создавање). Тој развива НЕДЕМОКРАТСКИ ПРОЦЕДУРАЛИЗАМ ( авторитарен или празен процедурализам: Алаин Бадиу, С. Жижек, Џ. Агамбен и др). Се е во согласност со законот – а законот е во согласност со НИВ. Легализмот го спротиставува на легитимитетот на законите и посебно Уставот.
Оваа цел ја постигнува така што процедурите и законите ги прави со две комбинирани техники: продуцира голем број закони, непрегледна лагислатива, која е често преклопувачка и внатрешно контраверзна – но намерно е направена така, за да инструментот на примена и толкување на законите е во рацете на администрацијата и само неа. (Инаку казнената политика на авторитаризмот е посебна приказна, таа е садистичка и игра на картата дека народот е мазохистичка „жена‘‘ која го сака тоа, која сака „да и се покаже нејзиното место‘‘ и слчни мачо-порно-фантазми). Така, претпоставката на НЕВИНОСТ и чесност на граѓанинот исчезнува. Секој е виновен, бидејки потенцијално крши некој, некаде закон (не знае ниту може да знае кој и каде – кафкијанска ситуација), но не е сеуште процесиран и зависи од милоста на администрацијата кога ќе биде. Цената на невиноста е да биде мирен и послушен. Кога ќе се побара, и активен на страна на власта.
Извор: Либертас.мк


