Одлучив да не демантирам измислици па и отворени клевети од некои од нив, кои од ним само јасни причини смениле неколку политички менторства и страни за на крај да станат мегафони на диктатурава денешна, ДПМНЕ-вска.
Но по нешто е забавно и да се прокоментира. Посебно е инспирирачка неодолива на моменти (тажна во суштина) сликата кога пудлици миленичиња на бившите режими, во киклопската битка за лично морално искупување, превреднување на личната историја и моралното мочуриште каде сега служат – се обидуваат да испрераскажат и префарбаат буквално се од живите случки на дваесетгодишната демократија на Македонија, каде има еден куп живи луѓе-сведоци.
Тоа, сакале или не, е ризичен само-разобличувачки потез – за кој мора да сте во дереџе да го одиграте на јавна сцена.
Значи, Мирка Велиновска, денес медиска тупаницата на диктатурата – беше нешто како пудлица/маче милениче на владите на СДСМ во јаки два мандата. Таа прво кај мене почна да ја пече професијата „милениче на кауч“ со интервју како министер без портфељ и од тогаш многу често беше во мојот кабинет како драга гостинка „консултантка“. Не велам дека било кога сум одлучил да „дадам наредба“ за било каква медиска операција со неа на чело за „насочено информирање“, бидејќи тоа едноставно не го правам никагаш, ниту беше потребно, (секогаш кога имам нешто да кажам го пишувам лично и персонално на ачик). Тогаш, башка и се скоро одеше јавно и во јавна жестока дебата. Но поважно од тоа е енергијата на Мирка која не дочекуваше да се дефинира став за некоја работа по нашите троседи-двоседи-фотељски расправи за се и сешто. Таа сама создаваше агенди за пресметка со ветерници и одеше со кампањи. Тоа беше симпатично тогаш, и беше фер-однос во кој никој никому не должи посебно ништо. Нормално дека закани за апсење немаше потреба да се изрекуваат бидејќи на куче-милениче кое ви се пренемага по троседи не му се заканувате со затвор (не дај боже) туку со свиткана новина ќе го плеснете за да не прави беља кај што не треба (тоа мрчи, цивка, но ќе се свитка и ќе преболи, а и ќе научи. Ова секако во метафорична смисла).
Она што ваква невротична персона чија невроза е донекаде разбирлива од силните политички трансфери кои налегнале па натежнале, и која денес плеска се и сешто, никогаш не научи (нити со свиткана новина нити поинаку) – беше плурализмот во јавната сфера. Плурализмот во медиумите нужно следеше по партскиот плурализам и тој почна со уривање или самоуривање на мастадоните на кумуњарското новинарство и моќ (кои беа се прешалтувале и споиле и со новите демократски власти). Тоа нашата скоевка не успеа никогаш да го свари.
Значи чекорот кој младите и силни новинарски имиња кои го формираа Дневник, и морам да кажам, вистински демократи (на крајот на краиштата, само еден од нив се покажа соработник во меѓувреме) – беше навистина фундаментален за втемелување на македонската демократија. Башка, тие тоа го направија на начин што покажаа претприемачки дух кој беше вистински дух на новото време. Ги заложија своите станови, земаа кредити, ставија се на коцка, адреналински влегоа во сфера на слобода и ризик, само и само заради идеи – и успеаа. Тоа е восхитувачко, за тоа треба да им се честита, и за тоа тие треба да примат некоја од државните награди.
Тоа не можеше, и ден денес не може да си го приопштат и разберат мастадоните на комуњарското новинарство на чело со Панде Колемишевски и тогашна Нова Македонија. Мирка беше меѓу „непросветените“ од тој вид. Таа го љубеше мастадонот и денес има сила да го правда и да им го продава сосе Пандета на ДПМНЕвците. Неверојатно!
Сетики, последиците од демократијата и слободата беа разорни и неумитни за Нова Македонија, која се сруши како кула од карти пред еден „слободен петпарачки весник“ кој го продаваа по улици како во авнгардата на руската револуција, самиздатите. Ако имам некаква улога во моралната подршка на создавањето на тогашниот Дневник и луѓето кои го создадоа, тогаш сум секако горд на тоа. Тоа беше вистинска демократска мала револуција во медиумскиот плурализам, после која ништо веќе не беше исто.
До ден денес (веќе) тажно и одурно изгледаат обидите да се превреднува таа и таква историја на идеите за слобода за кои „гинеа“ тогаш некои „будали“ и кои успее да извојуваат историска победа.
Создавањето конпирации на полициска акција (инаку мошне успешна таква акција би била кога би била) да се урне така траорно и бучно, од земја и во земја Нова Македонија и булументата раководство во неа, е само обид да се рационализира поразот (друго прашање е што успеваат да им се продадат на слепиве и глуви ДПМНЕвци како орудие за пресметка кон левицата).
Во меѓувреме, Мирка без проблеми ги совлада тие нелагодности поставувајќи постојано барања кои Цобе од СДБ имаше „задача“ да и ги задоволува: те стан за еден нејзин пријател од Босна, бегалец (од конспиративните станови на службата), те таа да одела со син и во Лондон да му прави друштво на некои студии. За сето тоа службата најде начин да и излезе во пресрет на првата дама на македонското скоевско во исчезнување- новинарство. Таа тоа си го објаснуваше не знам како, но веројатно дека го заслужила?! Сега слушам дека Цобе од притвор пред истражен давал некои изјави што се и давал на Мирка како податоци за објавување. Ќе биде интересно ако тие негови изјави видат бел ден некогаш, студенти да учат право, а и новинарство?
Следеше трансфер на овој новинарски голгетер кај Бранко Црвенковски – директно во нападот. Таа, имено, останувајќи без партизанскиот логорски оган во Н. Македонија, стана ударна тупаница од „каучот“ на Б. Црвенковски – кон светот како таков.
Нормално, прва должност на секој пребег е да се пресмета со својот претходен ментор, како начин на докажување кај новиот. И Мирка се даде на борба со „неодговорната елитистичка СДСМ фракција на т.н. млади лавови“?! Те вакви биле, те пушеле пури, те купувале слики, те се занесувале, биле деца „кои не јале ќотек“! Нормално, сељачаната во СДСМ не беше проблем да победи внатре во партијата, бидејќи никој не се бореше против нив (ние гледавме држава и навистина се занесувавме, но со идеи), но партијата страотно изгуби 1998 на изборите. Но внимавајте, тоа Мирка не ја обезкуражи, напротив, таа во миг се најде (кај гладува врсен голгетер) во прегратките на новиот патриотизам и Брат Љубе и тогашниот ВМРО ДПМНЕ. Сега, додуша не по каучи, туку во подруми, имено подрумот на Брат Љубе каде со пршута и вино, како впрочем и треба, Мирка ги черечеше непатриотите (Борис Трајковски и секако, повторно мене).
Во меѓувреме се случи конфликтот каде Мирка беше патриот-акцијашка: лежеше пред тенковите во тетовско (да не се повлекувале); те фрлаше бомби од ровови, новинарите да мислеле терористи се, џоа кореографка е; те му бараше на Борис оставка; и секако, со брат Љубе го пронајде атентаторот на Глигоров (претпоставувате, пак Јас, како таков. Ова веќе стануваше малку здодевно и без фантазија).
Тоа беше фантастичниот, и за многумина невозможен трансфер на нашата голгетерка, но не и за Мирка!
Прочитајте ја целата колумна на „ Либертас.мк“.


