Пиварите предупредуваат дека ова е најголемиот пад од повторното обединување на Германија, а главната причина лежи во растечките трошоци за живот, што ги тера граѓаните сè почесто да се откажуваат од својот омилен пијалок.
Германија, земја со длабока традиција на производство на пиво, доживува историски пад на продажбата на пиво, дури 6,8% помалку во првите пет месеци од 2025 година во споредба со истиот период минатата година, објави познатата пиварница „Велтинс“.
Тоа значи дека пазарот изгубил околу 2,3 милиони хектолитри пиво, што е речиси двојно повеќе од падот во однос на просечното годишно намалување.
Рајнер Емиг, директор за продажба во Велтинс, истакнува дека таков пад не е забележан од повторното обединување на Германија во 1990 година.
„Пазарот е под сериозен притисок и ова е најтешкиот период за германското пиварство во последните три децении“, предупредува Емиг.
Интересно е што за време на пандемиската 2021 година, и покрај затворените пабови и ресторани, потрошувачката била поголема отколку сега.

Сонцето не помага – потрошувачите ги стегаат ремените
Иако времето во првата половина од годината беше идеално за консумирање пиво, сончево, топло и суво, очекуваното закрепнување не се случило.
Директорот на друга голема пиварница, Фолкер Кил, вели дека луѓето почнале сериозно да штедат.
„Потрошувачите се под притисок од инфлацијата, повисоките цени на храната и енергијата. Пивото повеќе не е секојдневна навика, туку луксуз“, истакна тој.
Безалкохолните пива како обид за преживување
За да се прилагодат на новите потрошувачки навики, многу пиварници инвестираат во производство на безалкохолни пива и радлери.
Сепак, како што истакнува Кул, овие производи се повеќе „фластери отколку лек“ – пазарот на безалкохолни пијалоци е заситен, а конкуренцијата е исклучително силна.
Што е следно?
Експертите очекуваат дека негативниот тренд би можел да се стабилизира дури до 2026 година, но без сериозна трансформација на пазарот и иновации, а многу помали пиварници би можеле да се најдат пред затворање.


