Два германски брода, миноловецот „Фулда“ и бродот за снабдување „Мозел“ пловат кон Ормуска Теснина, изјави германскиот министер за одбрана Борис Писториус пред Самитот на НАТО, што се одржува во Брисел.
Двата брода на германската воена морнарица досега беа стационирани во источниот дел на Медитеранот, чекајќи го мировен договор помеѓу САД и Иран.
Воените бродови ќе бидат придружени од автономни системи, нуркачи за расчистување на мини и безбедносни сили доколку бидат распоредени во регионот.
Германскиот канцелар Фридрих Мерц претходно најави дека Берлин ќе учествува во мисија за обезбедување на безбедноста на стратешки важната морска рута откако ќе престанат непријателствата.
Но, новата мисија на Германија треба да биде одобрена од парламентот, што најверојатно ќе се случи пред почетокот на летната парламентарна пауза на 10 јули.
МИА


