Разочараност, неверување, тага, владее во англискиот шампион Манчестер Јунајтед по поразот од Олимпијакос, но „црвените ѓаволи“ се надеваат на надоместување на негативата од два гола во реваншот на домашен терен, се првите реакции во англиските медиуми по синоќешниот дуел во Атина.
Менаџерот Дејвид Мојс вели дека единствената добра работа во првиот меч со грчкиот претставник е тоа што постои и реванш.
– Не заслуживме ништо. Иако дојдовме добро подготвени и физички и ментално, тоа на теренот не го покажавме. Играчите се тажни, бидејќи знаат како играа. Останува да дадеме се од себе во реваншот и да поминеме понатака. На „Олд Трафорд“ се случувале убави вечери и верувам дека една таква ќе биде на реваншот. Имаме квалитет за такво нешто, изјави тренерот на Манчестер.
На лошата сезона за Манчестер Јунајтед во Премиер лигата се надоврза и неуспехот на првата средба од 1/8 финалето во Лигата на шампионите, пораз кој се заканува со елиминација од елитното натпреварување. Сепак дел од играчите веруваат дека се уште не е готово. Еден од нив е Мајкл Карик.
– Имавме разочарувачка вечер, но уште ништо не е готово. Остваривме добар посед на топката во првиот дел, ама не можевме да ги пробиеме нивните одбранбени линии. Во вториот дел не почнавме како што се договоривме и набрзо дојдоа проблемите. Не сме испаднати се уште и верувам дека можеме да победиме на „Олд Трафорд“ истакнува Карик.
]]>


