Грчкиот туризам отпорен на кризи: Најавена е четврта рекордна сезона по ред

Грчкиот туризам продолжува да расте и покрај војните, инфлацијата и нестабилната меѓународна економска средина. Според најновите проценки, Грција е на пат да ја забележи четвртата рекордна туристичка сезона по ред, со силен раст на пристигнувањата и приходите.

Во 2025 година, Грција ја посетиле 43 милиони странски туристи, а вкупните приходи достигнале речиси 24 милијарди евра, што претставува раст од 9,4 проценти на годишно ниво, според податоците на Банката на Грција. Просечната потрошувачка по турист изнесувала речиси 550 евра, а трендот на раст продолжува.

Директниот економски придонес на туризмот во грчката економија достигнал 32,4 милијарди евра, односно 13 проценти од бруто домашниот производ, покажуваат податоците на Институтот на Конфедерацијата на грчкиот туризам — INSETE.

Ако се земат предвид и индиректните ефекти, вкупниот придонес на туризмот се проценува меѓу 71,3 и 85,9 милијарди евра, односно меѓу 28,7 и 34,6 проценти од БДП.

Најголем дел од директниот придонес доаѓа од потрошувачката на странските туристи и крстарењата, кои заедно достигнале 23,6 милијарди евра. Потоа следуваат воздушниот транспорт со 3,1 милијарда евра, домашниот туризам со 2,5 милијарди евра и инвестициите во туризмот со домашна додадена вредност од 2,4 милијарди евра.

Туризмот останува еден од најважните сектори и за вработувањето. На врвот на сезоната, секторот создал до 750.659 работни места, што значи дека секое шесто работно место во Грција е поврзано со туризмот.

Податоците за првите три месеци од 2026 година покажуваат дека растот продолжува. Банката на Грција објави дека пристигнувањата се зголемиле за 38 проценти и достигнале 3,4 милиони туристи, додека приходите пораснале за 64 проценти, на 1,7 милијарди евра. Просечната потрошувачка по гостин се зголемила за речиси една петтина.

Раст е забележан и од клучните европски пазари. Пристигнувањата од Велика Британија се зголемиле за речиси половина, од Германија за 21 процент, а од Франција за два процента. Вкупно, од овие три земји пристигнале околу 624.000 туристи.

Сепак, не сите показатели се позитивни. Пристигнувањата од САД се намалиле за речиси 10 проценти, што ги потврдува стравувањата на туристичките власти дека поскапите авионски билети ќе влијаат врз посетите од подалечните пазари, како САД и Кина.

Според податоците на INSETE, авиокомпаниите што летаат на релација Грција – Северна Америка оваа сезона понудиле 747.600 места на директни летови, но резервациите до 27 април биле за 28 проценти пониски во споредба со истиот период минатата година.

И покрај тоа, прогнозите остануваат силни. До 2030 година, Грција очекува годишно да достигне 50 милиони туристи, што би било зголемување од 27 проценти во споредба со една деценија претходно. Приходите, пак, се очекува да пораснат за половина и да достигнат речиси 27 милијарди евра.

извор: trn.mk

Најчитани вести