Стопанските комори, иако најавија, не излегоа со заеднички барања кои ќе му помогнат на стопанството полесно да ја преживее политичката криза. Денеска своите барања ги презентираше единствено Стопанската комора на Северозападна Македонија. Ситуацијата е алармантна и веќе влијае дестимулирачки на домашните и на странските инвестиции, истакна Неби Хоџа, новиот претседател на Стопанската комора на Северозападна Македонија.
– Бараме од Народната банка и од Министерството за финансии внимателно да ги следат финансиските трансакции за да немаме неконтролиран прилив на пари. Посебно внимание да се посвети на реализацијата на патната инфраструктура, со посебен нагласок на автопатот кој не поврзува со Косово, а понатаму со Црна Гора и со другите земји.
Од комората побараа од Владата да престане со непродуктивните задолжувања и трошења и наместо тоа, да се осврне кон поголема поддршка на приватниот сектор.
– Владата да се воздржи од нереални ветувања кои не може да ги исполни, како што се зголемување на плати, пензии субвенции и нереални вработувања, изјави Хоџа.


