Производителите на ориз се во паника. Власта со инспекции прво ги затвори откупувачите, а сега го стопира и извозот на ориз. На граница стојат камиони со македонски ориз за извоз во Србија.

-Камионот го држат цел ден со образложение дека немаме документ за анализа на квалитетот. Барањето е нелогично бидејќи ова е трет камион кој го извезуваме со истиот ориз од истата фирма која претходно има одбиено дозвола за извоз. Зошто сега прави проблем, не знаеме? Ова е на директна штета на земјоделците бидејќи тие чекаат пари од овој ориз за да можат да ја платат жетвата на новата реколта- велат извозниците.
Земјоделците се загрижени поради затворените откупувачи од една страна и стопираниот извоз на ориз од друга страна. Не им се јасни ваквите опструкции од страна на власта. Велат дека владата наместо да им помогне околу откупот, таа дополнително ја влошува состојбата со притисоците кои им ги прави на откупувачите.
-Апелираме уште еднаш да се тргнат инспекторите од откупувачите и да им се дозволи откуп како и извоз на македонскиот ориз. Кога веќе владата не врши интервентен откуп на оризот ние зависиме од тие откупувачи за да може да земеме некој денар бидејќи немаме пари да си ја платиме годинешната жетва. Магацините ни се полни со лански непродаден ориз – вели Зоран Борисов од здружението „Бело злато“.
Остануваат отворени прашањата зошто се создава ваков хаос со откупот на оризот од страна на власта, за чии интереси се прават овие опструкции и дали владата воопшто има намера да им помогне на земјоделците.


