Италијанската боксерка Анџела Карини објави дека би сакала да ѝ се извини на противничката Имане Келиф од Алжир, по контроверзите околу нивниот бокс меч, јавува Индипендент.
По реакциите што ги доби Келиф за нејзиното вклучување на Олимписките игри во Париз, Италијанката Карини сега и се извини на 25-годишната девојка од Алжир и додаде дека ја „почитува“ одлуката на Меѓународниот Олимписки Комитет да ѝ дозволи на Келиф да се бори.
„Сета оваа контроверзност ме прави тажна., Жал ми е и за мојата противничка. Ако МОК рече дека може да се бори, јас ја почитувам таа одлука“, изјави таа за италијанскиот весник Газета дело спорт.
Разговарајќи за нејзината одлука да не се ракува со Келиф, Карини откри дека сака да се извини за своето однесување, и рече: „Тоа не беше нешто што имав намера да го направам. Всушност, сакам да ѝ се извинам на неа и на сите останати. Бев лутa затоа што мојата Олимпијада заврши“.
Таа додаде дека ако повторно ја сретне Келиф, ќе ја „прегрне“.
Алжирскиот олимписки комитет, исто така, ја бранеше Келиф од реакциите, велејќи: „Ние силно ја поддржуваме нашата хероина и продолжуваме да ги браниме нејзините права како фер и квалификуван натпревар“.
Келиф во својата кариера како боксер се борела 50 пати, губејќи во девет наврати. Таа претходно се натпреваруваше на Олимписките игри во Токио 2020 година, каде беше поразена од Ирката Кели Харингтон во четврт-финалето.
Во меѓувреме, Ејми Бродхерст, која ја победи Келиф во 2022 година, исто така излезе во нејзина одбрана и моли да престанат нападите на Интернет.
„Многу луѓе ми праќаа пораки за Имане Келиф. Лично мислам дека таа не направила ништо за да „измами“. Мислам дека тоа е начинот на кој е родена и тоа е надвор од нејзината контрола. Фактот дека таа била [претепана во ринг] од девет жени претходно кажува се“, напиша Бродхерст на социјалните мрежи.
Извор: Frontline


