Италијанскиот парламент ја поддржа контроверзната изборна реформа на премиерката Мелони

Долниот дом на италијанскиот Парламент денеска го одобри контроверзниот план на владата за измена на изборното законодавство, потег што критичарите го отфрлија како обид да и се помогне на премиерката Џорџа Мелони да ја задржи власта на следните избори во 2027 година.

Предлогот на владејачката десничарска коалиција, која ја сочинуваат партијата „Браќа на Италија“ на Мелона и партиите „Форца Италија“ и „Лига“, би вовел целосно пропорционален систем и би гарантирал мнозинство за секој блок што ќе освои над 42 проценти од гласовите.

Партиите што ќе го поминат тој праг би добиле дополнителни 70 места во Долниот дом од 400 членови и 35 места во Горниот дом од 200 членови.

Меѓутоа, нивната вкупна застапеност би била ограничена на 220 и 113 места во обид да се спречат претерано големи мнозинства. Дискусиите за реформата доведоа до тензии во рамките на владејачката коалиција. Парламентарните претставници во вторникот го отфрлија предлогот на владата за повторно воведување на преференцијално гласање за кандидатите на партиските листи.

Законот сè уште треба да добие одобрение од Сенатот, а владата се надева дека ќе го добие по летната пауза.

Според сегашниот систем, повеќето пратеници се избираат по пропорционален систем, а околу една третина се избираат во изборни единици каде што победникот зема сè, што аналитичарите тврдат дека генерално е во корист на опозицијата.

Реформата би ги елиминирала ваквите места, вклучително и на југот на Италија каде што централно-левичарскиот сојуз предводен од Демократската партија (PD) и Движењето Пет ѕвезди (M5S) се смета дека има особено добри шанси.

Поддржувачите на владата тврдат дека реформата ќе гарантира стабилни мнозинства по изборите.

Подемот на ново крајно десничарско движење во последните месеци го вознемири штабот на Мелони бидејќи и украде дел од поддршката за владејачката коалиција и ги доведе во прашање нејзините шанси на следните избори, пишуваат британските медиуми.

Партијата Futuro Nazionale (FN), предводена од поранешниот генерал Роберто Ваначи, моментално ужива нешто повеќе од шест проценти поддршка во предизборните анкети.

Според некои анкети на јавното мислење, повеќе гласачи го поддржуваат ФН отколку Лигата, што ја ослабува владејачката коалиција бидејќи не е познато дали Ваначи на крајот ќе се здружи со Мелони.

Според симулацијата на институтот YouTrend, десничарскиот сојуз што би го вклучил ФН би можел да освои мнозинство, а централно-левиот би можел да победи ако Ваначи одлучи самостојно да оди на избори.

„Исходот од следните избори нема да зависи само од изборното законодавство, туку најмногу од тоа како ќе се позиционира Futuro Nazionale“, велат од YouTrend. 

МИА

Најнови вести

Најново од Свет

Најчитани вести