„Утрово бев убедена и подготвена да се обложам дека бројката од 2.000 „лајкови“ е недостижна – ама вие ме демантиравте, и ја дадовте поддршката за само 6 часа! Оставете ме да здивнам, изненадена сум, по малку дури и со чувство на голема одговорност што поттикнав такви позитивни реакции кои не смеам да ги изневерам. Но, да здивнам малку. Може? Да гледаме ракомет? Па после ќе ви кажам како гледам на оваа сериозна работа која ја иницирав… Засега, само едно ГООООЛЕМО благодарам! Не го земам ова како лична пофалба или комплимент, туку како израз на вашата желба за лик кој не доаѓа од политичките структури и кој нема ниту еден ден искуство во партиска политика! Ви ветувам, ако се одлучам на овој голем чекор-би била неконвенционален кандидат: немам пари, ниту можам да ги соберам; нема кампањи, нема делење пенкалца, нема автобуси и митинзи – ќе „киснеме“ и дебатираме на Фејсбук, а можеби и на Твитер“ – напиша Ванковска на својот фб-профил.
И Јовe Кекеновски ги користи социјалните мрежи како платформа за неговата намера да биде кандидат на владејачката партија ВМРО-ДПМНЕ за претседател на државата. Тој денеска на фејсбук напиша:
„Не ми е јасно зошто дел од јавноста „инсистира” раководството на ВМРО-ДПМНЕ да истакне кандидат за претседател?! Мојата партија има сопствена постапка и традиција за избор на кандидат за претседател – НА КОНВЕНЦИЈА. И затоа, ако на нешто се инсистира, тоа треба да биде прашањето: зошто досега не е одржана конвенција? На сите овие силни „инсистирачи” им го нудам следниов одговор: доколу раководството на ВМРО-ДПМНЕ предложи некој кандидат на самата конвенција или евентуално пред одржување на конвенцијата, или пак ако цврсто застане зад некој од кандидатите, тоа во старт ќе значи негација на демократската процедура и демократскиот капацитет на партијата и нарушување на принципот на еднаков третман на останатите кандидати. Во тој случај ќе нема потреба од одржување на конвенција. А, оваа партија тоа НЕ МОЖЕ и НЕ СМЕЕ да си го дозволи. Исто така, за да ја оправда придавката ДЕМОКРАТСКА, раководството на ВМРО-ДПМНЕ не би требало ниту јавно, ниту пак тајно, ни на каков било друг начин да дава иструкции и да протежира одреден кандидат, туку треба да ги остави делегатите, секој по свое сопствено убедување и уверување, да го даде својот глас за најдобриот кандидат. Јас лично САКАМ ДА ВЕРУВАМ во ДЕМОКРАТСКИОТ КАПАЦИТЕТ на ВМРО-ДПМНЕ“ – напиша Кекеновски.
Извор: Либертас.мк
]]>


