Излезе од печат „Лустрацијата во земјите од Југоисточна Европа“ од Маријана Кацарска

Минатата недела излезе од печат „Лустрацијата во земјите од Југоисточна Европа“ од Маријана Кацарска. Издавач е Градската библиотека од Струмица, а книгата е всушност магистерска теза на Кацарска и заради конзистентност во континуираното следење на процесот на лустрација, материјалот од магистерската теза е доработен и обработен согласно настаните во изминатиот период.

„Актуелноста на лустрацијата во земјите кои по падот на комунизмот влегоа во долгата фаза на транзиција кон демократија, го прави ова истражување на авторката Кацарска важен и посебно корисен прирачник за оценка на легалноста и легитимитетот на македонската лустрација, како и правецот по кој таа се движи и ќе се разврзе. Паралелно во трудот е поставен реперот на претходната анализа – очитан во нивото на заштита и загрозување на човековите права и основни слободи, како критична точка за заклучни оценки на наведениот процес на лустрирање.Како комплексен процес, лустрацијата може да се анализира од повеќе аспекти: историски и компаративни, да се споредуваат различните системи на уредување, нормативна основа на процесот или дозволеност на лустрацијата од аспект на заштита на човековите права. Со задоволство констатирам дека во овој материјал тие се балансирано прикажани. Тој претставува резултат на сеопфатно и темелно истражување на законската основа и начините на имплементирање на лустрацијата во пост – комунистичките земји. Проблемите со кои се соочувале тие и можностите за обезбедување на заштита на правата на лустрираните лица се анализирани и преку мошне корисниот преглед на одлуките на Европскиот суд за човекови права од Стразбург за и околу лустрацијата“, вели професорот Љубомир Фрчкоски во рецензијата на книгата.

Според него, авторката на трудот ги следи тековните случувања поврзани со лустрацискиот процес во смисла на измени на законите, извештаи за работа на Комисијата за верификација на факти, одлуки на Уставниот суд на Македонија, а користен е различен, широк спектар на ресурси, документи, закони, извештаи, судски одлуки од националните Уставни судови како и Судот во Стразбург, како и поедини статии за лустрација, вклучувајќи и интервјуа со директните креатори на процесот на лустрација во Македонија.

„Со тоа е креирана една усогласена теоретска целина логички подредена и разбирлива за читање и за не директно упатените читатели. Овој труд не претставува заземање страна „за или против лустрацијата“ туку истражување и врз основа на најдобрите примери изнаоѓање или поточно дефинирање на препорачана рамка за спроведување на процесот. Ако се чини на моменти критичен кон македонскиот лустрациски лавиринт тоа е поради следење на ригидните правни препораки и стандарди од најдобрите практики на ЕУ во оваа област. Како збир на факти и чекори трудот може да биде добредојден и за надминување на комуникацискиот јаз што постои помеѓу актерите кои ја водат и оние кои се сметаат за „жртви“ на лустрацијата во Македонија. Земајки во предвид се што погоре кажано со задоволство го препорачуваме овој оригинален научен труд на авторката Маријана Кацарска за објавување и предочување на македонската јавност“, вели професорот Љубомир Фрчкоски во рецензијата на книгата.

]]>

Најчитани вести