Во април годинава во однос на истиот месец лани вредноста на извезени стоки во странство е намалена за дури 24 отсто, објави Државниот завод за статистика.
Вкупниот обем на трговската размена на земјава со странство во април е во минус од 18,8 отсто во однос на истиот месец лани. Минусот кај увозот изнесува 15,3 проценти.
Вкупната вредност на извозот на стоки од Македонија во периодот јануари април 2015 година е 1,35 милијарди долари, а на увозот 1, 998 милијарди.
Покриеноста на увозот со извоз е 67,6 отсто. Трговскиот дефицит во првите четири месеци од годинава изнесувал 648 милиони долари. Тој е понизок во однос на истиот период лани, кога бил на ниво од 806 милиони долари.
Најголемо учество во извозот на стоки имале земјите-членки на ЕУ, и тие се застапени со 77 отсто, и земјите од Западен Балкан, кои учествуваат со 11,3 проценти. Во увозот на стоки, пак, најголемо учество имаат земјите-членки на ЕУ 28, или 62,9 отсто, и останатите земји, 11,7 отсто. Македонија најмногу тргува со Германија, Велика Британија, Србија, Грција и Бугарија, на кои отпаѓа 50,4 отсто од вкупната надворешно-трговска размена.
Извор: Емагазин


