“Ја немал приспособено брзината”, Обвинителство бара притвор за 76-годишниот возач од Косово по трагедијата кај Мирковци

Основното јавно обвинителство Скопје донесе Наредба за спроведување истражна постапка против 76-годишен државјанин на Косово, осомничен за тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот, по стравичната несреќа на скопската обиколница кај клучката Мирковци, во која загинаа четири лица.

Според обвинителството, осомничениот управувал товарно возило „МАН“ со полуприколка со косовски регистарски таблички по северната обиколница на Скопје, движејќи се од запад кон исток.

„Не се придржувал кон прописите и со тоа го загрозил јавниот сообраќај и го довел во опасност животот на луѓето“, соопшти Обвинителството.

Како што наведуваат, кога пристигнал во близина на клучката Мирковци, тој не ја приспособил брзината на движење на возилото според состојбата и својствата на патот, густината на сообраќајот и останатите услови на патот.

„Во еден момент изгубил контрола над возилото и свртел лево, при што удрил и ја пробил металната одбојна ограда, продолжувајќи да се движи по коловозот наменет за возила од спротивната насока“, наведува обвинителството.

Потоа, камионот директно се судрил со автомобил „БМВ“ кој се движел од исток кон запад.

По ударот избувнал пожар, а и автомобилот и камионот биле зафатени од пламен.

Во несреќата на лице место загинаа четворицата патници во автомобилот – оперскиот баритон Ристе Велков, неговиот син Адам Велков, како и двајцата 20-годишници Марко Ѓирѓиевски и Петар Миланов.

Обвинителството соопшти дека поради опасност од бегство и можност осомничениот да го повтори делото, до судијата на претходна постапка е доставен предлог за определување мерка притвор.

Извор – Либертас

Најнови вести

Најново од Македонија