„Митови и факти“ за случајот „Мазут“: Што покажуваат официјалните податоци?

Подобро е да се запре истрагата отколку да се поднесе обвинение кое нема да издржи судска проверка, изјави државниот јавен обвинител Ненад Савески во врска со случајот „Мазут“. На брифинг со новинарите, Савески ја поддржа одлуката на обвинителката Коларевиќ и посочи дека бил изненаден од реакциите што следуваа по запирањето на постапката.

Голем дел од јавноста реагира без да има увид во доказите со кои располага обвинителството. За разлика од јавноста, која своите ставови најчесто ги формира врз основа на медиумски информации, политички препукувања и различни толкувања, обвинителството располага со целокупниот доказен материјал врз кој ја темели својата одлука. Савески вели дека изненадува интензитетот на реакциите, имајќи предвид дека недостигот на докази бил главната причина за запирање на истрагата.

Најголемиот интерес во јавноста беше насочен кон прашањето дали мазутот кој бил предмет на истрагата предизвикувал загадување на воздухот.

Во државата постои Правилник за квалитет на течните горива кој прецизно ги дефинира дозволените граници за сите нафтени деривати, вклучително и за мазутот. Во рамки на овие контроли се проверуваат параметри како што се содржината на сулфур, вода, пепел, седименти, точка на палење, калориска вредност, вискозитет и карбонски остатоци. Дополнително, контролата ја вршат Царинската управа и Државниот пазарен инспекторат. Во конкретниот случај не било утврдено пречекорување на ниту една од пропишаните гранични вредности. Македонија инаку има една од најстрогите регулативи кога станува збор за квалитетот на горивата.

Официјалните извештаи на ТЕЦ Неготино покажуваат дека во периодот што беше предмет на истрагата редовно бил следен квалитетот на воздухот. И покрај шпекулациите за наводно загадување и труење, не било регистрирано загадување што би произлегувало од работата на електраната.

Мазутот често е предмет на негативни оценки во јавните дебати, но практиката во повеќе европски земји покажува дека неговата употреба може да биде усогласена со високите еколошки стандарди.

Но, ако загадувањето во Неготино е од мазутот, зошто градот Скопје е меѓу најзагадените во светот, а не се употребува мазутот? Компанијата РК, која беше дел од овој случај, никогаш не носела мазут во Скопје.

Согласно лиценците за трговија со нафтени деривати, Регулаторната комисија за енергетика месечно врши контрола од каде купуваат фирмите кои имаат лиценци и каде продаваат. Согласно извештаите, евидентно е дека Скопје никогаш не било загадено поради мазутот, бидејќи главната когенеративна централа ТЕ-ТО работи на гас. И покрај ова, Скопје редовно е помеѓу топ пет најзагадени градови во светот, особено во зимскиот период.

Финска, Шведска, Данска, Германија и Франција со години користат мазут како резервен енергетски капацитет во ситуации кога е потребна дополнителна стабилност на електроенергетскиот систем. Франција располага со термоцентрали на течно гориво кои служат како стратешка резерва во зимски услови. Естонија има развиен систем за користење на нафтени шкрилци и тешки масла, додека Грција користи нафтени деривати за снабдување на островските региони. Норвешка, и покрај доминантното производство на струја од хидроцентрали, одржува резервни нафтени капацитети и инвестира во напредни технологии за складирање јаглерод.

Во делот на економските ефекти, значајно е што АД ЕСМ не пријавиле финансиска штета во текот на целиот процес. На тоа во повеќе наврати укажа и професорот Гордан Калајџиев, кој постави прашање дали воопшто постои правен интерес за жалба на одлуката за запирање на постапката ако нема констатирана штета.

Податоците од енергетските берзи за периодот опфатен со истрагата покажуваат дека Македонија би потрошила околу 880 милиони евра за увоз на електрична енергија доколку ТЕЦ Неготино не била активирана.

Покрај финансискиот аспект, тогашната енергетска криза отвори и прашање за достапноста на енергенсите. Недостигаше гас, мазут, дизел и електрична енергија, а многу држави се натпреваруваа да обезбедат доволни количини за сопствените потреби.

Според официјалните податоци, ТЕЦ Неготино како ладна резерва ја чини државата околу 5 милиони евра годишно. Истовремено, извештаите на ЕСМ покажуваат дека централата во 2022 и 2023 година остварила профит од околу 30 милиони евра.

Иако конечниот збор ќе го има Вишото јавно обвинителство, останува отворено прашањето дали случајот „Мазут“ може да се темели на штета која не е утврдена ниту од ЕСМ ниту од државните институции.

Најнови вести

Најново од Македонија

Најчитани вести