Кога ќе се здружат енолог и пчелар, резултатот е – МЕДОВИНА, прво македонско вино од мед на Антонио Петров и Илчо Костадиновски

Антонио Петров, магистер по земјоделски науки, енолог од Виница следејќи ги светските трендови во производство на вино и разни алкохолни пијалоци, одлучил во 2022 година да направи сопствен експеримент и да произведе медовина.

-Одамна размислував да направам медовина бидејќи има лесно достапна суровина и во 2022 година почнав со тој предизвик. Во исто време видов дека и на Земјоделскиот институт во Скопје веќе се прават експерименти и обиди за производство на медовина. Се прави по технологија на вино, во строго контролирани услови како што се температура и хигиена на садовите, се прави еден вид шира од мед и вода и се ферментира за да се произведе вино. Во постапката се користат специјални видови квасци – раскажува за Агротим, Петров.

Медот е органски сертифициран, така што и виното е декларирано како органско.

Суровината за виното, односно органскиот мед е од мојот партнер, пчелар Илчо Костадиновски од Виница кој има околу 300 пчелни семејства и органски сертифициран, што значи дека и самото вино е органско. Нашата медовина на Балканскиот вински натпревар освои бронзен медеал во конкуренција од 1 200 вина од 16 држави – вели Петров.

Виното моментално го пласираат локално, а може да се купи во Крушево на некои локации бидејќи сеуште е во фаза на пилот продукт и уште не е дефиниран правецот на развој. Кој сака може да го нарача од нас директно, а подоцна ќе се потрудиме да го има во сите подобро снабдени продавници во секој град во државата – вели Петров и додава дека е потребна поголема винска култура кај нас која со добар маркетинг може да го зголеми интересот за конзумирање на вино бидејќи тоа е на многу ниско ниво. На тој начин уште повеќе ќе се зголемат ваквите семејни агробизниси.

КОНТАКТ: 071/ 309 675 и 078 /362 925

Лековити својства на медовината
Моќта на медовината, за разлика од другите пијалоци, после консумирање (се разбира во одредени количини) нема главоболка или други негативни симптоми. Содржи голема количина на витамини од групата Б и амино киселини кои го поттикнуваат развојот на протеини кои позитивно влијаат на издржливоста и опуштањето на организмот.

Наречен и „еликсир на животот“ поради неговиот состав и многу позитивно влијание врз организмот. Овој многу вреден пијалок делува така што го стимулира апетитот, го зајакнува организмот и го забавува стареењето.
Напомена: Иако медовината е исклучително корисен напиток, треба да се користи во ограничени количини со образложение дека содржи 13% алкохол.

Медовината или народно наречена вино од мед e алкохолен пијалак кој се добива со ферментирање на мед со вода и квасец, а понекогаш се додаваат разни овошја, зачини, житарки и друго.

Извор: Агротим.мк

Најнови вести

Најново од Агро Бриф, Економија

Најчитани вести