Собраниската Комисија за европски прашања на денешната седница ги поддржа и ги проследи во натамошна постапка сите шест точки од дневниот ред: Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за личната карта, Предлог-законот за дополнување на Законот за матичен број, Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за државјанство, Предлог- законот за изменување и дополнување на Законот за пријавување на живеалиштето и престојувалиштето на граѓаните, Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за патните исправи, како и Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за личното име.
Усвоен беше предлогот на пратеничката Снежана Калевска, со поднесување комисиски амандман примената на овие закони по нивното донесување да се одложи и да биде од 1.01.2023 година, а не како што сега стои сега во предлог-текстовите, од 1.06.2022 и од 1.07.2022 година.
-Овие закони се повеќе време во Собранието, а целта им е хармонизирање и усогласување заради процесот на дигитализација. Но, бидејќи е потребно време да се спроведе тоа и законите вистински да имаат примена, предлагам да предложиме комисиски амандман според кој, наместо она што стои во законите – дека ќе стапат во сила на 1.06 или на 1.07.2022, да стои дека ќе стапат во сила на 1.01.2023 година, објасни Калевска.
На ова реагираше Гордана Силјановска, прашувајќи каква врска има дигитализацијата со ЕУ директивите и регулативите. Пратеничката Ели Панова, пак, потенцира дека ваквото предлагање амандмани е сигурно во некаква претходна согласност со Министерството за внатрешни работи.
-Непотребно го трошиме времето и на Собранието и на пратениците. Посветуваме внимание на вакви закони кога во меѓувреме се пристигнати многу побитни законски решенија кои граѓаните ги бараат. Ова не е воопшто од нивен интерес. Изминатиот месец цело време се зборува дека опозицијата ја блокира работата на Собранието, а воопшто не е така зашто гледаме какви закони имаме, а се прифаќаат амандмани за одлагање. Значи, итна примена на вакви закони воопшто не е потребна. Злоупотребено е времето и на Парламентот и на пратениците. Можевме да зборуваме за други, многу поважни прашања. Очигледно МВР не е спремно да ги спроведе законите, а не брза нас да ги донесеме, забележа Панова.

Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски кусо и одговори дека МВР е подготвено, но неопходно е спремни да бидат сите институции.
– Потреба од дигитализација имаме и тоа е една од клучните работи за кои се залагаме, а овие законски решенија треба да ги донесеме за да можеме подготовката за целиот тој процес да ја почнеме побрзо. МВР прво ги достави и до Влада и до Собрание овие законски решенија кои се дел од дигитализацијата, но тие се само еден дел од неколкуте стотини закони што ќе треба да бидат променети. Со оглед дека овие шест законски решенија сами по себе не можат да функционираат ако треба да влечеме електронски податоци од другите институции кои се уредени со други законски акти, од тие причини за нас е прифатливо примената да биде од 1 јануари 2023 година, за да може Собранието да ги донесе сите тие, чинам, околу 300 закони, а институциите да се подготват и да почнеме со дигитализација. Инаку, ние можеме да ги донесеме и вака, МВР е подготвено да ги заокружи процедурите до 1 јули, но ако не можат другите институции да одговорат во тој момент, ќе имаме нов закон со кој ќе се бара измена на преодните и завршните одредби, објасни Спасовски.
Сите шест закони се во второ читање и треба да се донесат по скратена постапка.
MИА
]]>


