Христо Кондовски, кандидат на СДСМ за градоначалник на Општина Битола, подготвува голема интерактивна мултимедијална платформа преку која на најсовремен начин ќе комуницира со граѓаните, дознава Бриф од свои извори.
И додека најголем дел од политичарите со јавноста комуницираат само преку медиумите, преку социјалните мрежи или ги пласираат своите информации преку веб страници кои најчесто не нудат канали за двонасона комуникација, Кондовски оди чекор понатаму.

Неговата желба е да комуницира интерактивно и двонасочно, по европски и светски терк со граѓаните. Затоа настојува да го искористи неговото меѓународно искуство и да ја унапреди комуникацијата со граѓаните на тој начин што секој граѓанин преку QR код ќе може да се поврзе со неговата веб платформа и да започне двонасочна комуникација со него.
Како што дознава Бриф, Кондовски на секојдневните средби на граѓаните веќе им остава негова картичка на која е испечатен QR код. Со помош на телефонот секој граѓанин ќе може преку овој QR код да се поврзе со неговата веб страница која е во изработка.

Ваквата пракса за комуникација со граѓаните на запад е раширена во владини агенции, медицински центри, саеми, во јавниот превоз и секаде каде има голем број корисници. Всушност, овој код веќе е универзален јазик за комуникација во развиениот свет.
Употребата на QR кодови е драматично зголемена во последните години, бидејќи овој код може да се прочита со било кој паметен телефон и да води до веб-страница со дополнителни информации, мултимедијални содржини, аудио и видео.
Токму една таква комплексна платформа подготвува Кондовски. Неговата цел е секој граѓанин до него да може да постави прашање, да даде своја сугестија и воопшто да започне директна и двонасочна комуникација.
Новата веб платформа ќе го овозможи тоа на брз и лесен начин. Истата се подготвува како одговор на огромниот интерес кој битолчани го пројавија за пораките кои Кондовски ги упатува преку неговата фан страница на Фејсбук.
Кондовски деновиве и јавно им се заблагодари на битолчани за рекордната посетеност на неговата фан страница на Фејсбук. „На граѓаните на општина Битола сакам да им се заблагодарам на огромната поддршка која секојдневно ја добивам во директна комуникација со нив.

Моето место е меѓу граѓаните! Постојно сум на терен, ги слушам моите битолчани, ги знам нивните проблеми и нашата програма нуди најдобри решенија за тие проблеми! Среќен сум што граѓаните го препознаа тоа! Се обраќаат на сите начини, на улица директно, телефонски и во пораки на мојата фан страница на Фејсбук!“-рече Кондовски, посочувајќи дека доказ за интересот на битолчани е бројката од над 180.000 интеракции и речиси 200.000 прегледи на видеата преку кои тој се обраќа до граѓаните.
Оттука, новата веб платформа која користи напредни технологии за комуникација, треба да биде одговор на тој интерес, а секој граѓанин да може да испрати и да добие порака во директна комуникација со Кондовски.
„Огромниот интерес да ги слушнат моите пораки уште повеќе ме обврзува. Затоа ќе останам отворен и достапен! Секој може да ми се обрати, да даде сугестија, да посочи на проблем! Мојата благодарност и за новинарите – што го забележаа интересот на битолчани и ги анализираа прегледите на мојата фан страница. Заедно одлучуваме со граѓаните! Заедно ќе направиме Битола да биде поубаво место за живеење!“-порача деновиве Кондовски.

Бриф веќе пишуваше дека видеата преку кои тој ги упатува своите пораки до јавноста обработуваат различна тематика. Покрај оние во кои тој ги презентира проектите за развој на Битола, огромно внимание привлекуваат и видеата во кои граѓаните можат да видат каков човек е тој – односно искусен бизнисмен, голем вљубеник во природата, поддржувач на фудбалот и велосипедизмот, почитувач на културата, но и посветен сопруг и татко на три деца.
]]>


