пишува: Георги Константиновски
Наивно и површно е тврдењето дека легално можат да се менуваат фасадите од модерната архитектура со облекување во застарени историски стилови, туѓи на македонската почва, со добивање согласност од жителите што ги населуваат тие објекти
Во 1908 година архитектот Адолф Лус – пионер на модерната архитектура и претходник на Интернационалниот стил го објави својот есеј во Виена под наслов „Орнамент и злосторство“. Лус во овој есеј жестоко се спротивстави на еклектичките историски стилови оптоварени со орнаменти и непотребни украси, посебно напаѓајки го Југенд стилот со својата варијанта на Виенската сецесија која што во тоа време беше во мода. Се јавува како поборник за функционална и чиста архитектура. Кратко време престојува во Америка каде што се запознава со делата на Чикашката школа и со делата на Луи Салевен – најзнаменит американски архитект во почетокот на 20 век. Во Виена влегува во кругот на Виенската интелигенција и се дружи со врвните интелектуалци. Тој со своите погледи на модерната архитектура изврши такво силно влијание што архитектите во Европа тој стил го прифатија како свој – ослободен од орнаменти и со тоа отпочна новата ера на модерната архитектура. Овој стил и покрај многуте нови архитектонски стилови што се појавуваа како негови атрибути кон крајот на 20 век, остана цврсто да владее се’ до денес.
*
Читам во дневниот печат дека во централното подрачје на Скопје ќе се облекувале 15-ина згради во барокна облека. Читам исто така во дневниот печат дека Стоковната куќа „Скопје“ (1959) – поранешна НАМА, од архитект Славко Брезовски кој остави силен белег со над 20-тина знаменити објекти во нашиот главен град, ќе ја преслекле во барокни пижами, а и онаа на поранешната Палата на трговско-индустриската комора на Скопје (1933) од архитект Милан Злоковиќ – два знаменити примери на Модерната архитектура. Но, и куќата на Кирил Жерновски (1937) – мојот почитуван професор, кој се јавува и како автор на станбениот објект „Пеко“ (1938) како и на 13-тина други реализирани објекти –сите во стилот на Модерната. Читам дека Градскиот трговски центар(1971), од архитект Живко Поповски, дека станбениот објект на ул. „Македонија“ (1959), од архитект Вера Ќосевска со над 20-тина реализирани објекти, дека административно-деловниот комплекс „Палома Бјанка“ (1986) од архитект Трајко Димитров – автор на повеќе од 10-тина објекти, читам дека и стаклениот административен објект на Електро-Македонија (1962) од архитект Бранко Петричиќ, дека Објектот на Стопанска банка (поранешна Инвестициона банка на СРМ),1958 од архитект Јован Ранковиќ, мој почитуван професор и негов асистент, со околу 10-тина значајни реализации во Македонија – сите бисери на Модерната архитектура.
Гледам и не можам да се изначудам на станбениот комплекс „Пелистер“ (1957) веќе облечен во грда облека, од архитект Димитар Димитров – наш реномиран архитект со над 15 реализирани објекти сите во стилот на Модерната. Гледам и не можам да се изначудам како му се зема душата на објектот на Министерството за сообраќај и врски (поранешен Административно – станбен објект на „Технометал“ (1954-68) од архитект Димитар Симоновски, гледам и не можам да се изначудам…
Гледам, и здивот ми се зема, кога ја гледам онаа каша од објекти на левиот брег на Вардар помеѓу Камениот мост и новиот мост кај хотелот „Холидеј Ин“, објектот – грамада на „Македонски телеком“ на местото на поранешната Народна банка (1933) од архитект Богдан Несторовиќ, на „Водовод и канализација” под Кале, кога гледам како ја покриваат фасадата на Административниот комплекс на ЦК КПМ (сега Влада на РМ – 1970 од архитект Петар Муличковски автор на10-тина референтни објекти), гледам и здивот ми се зема каде и да ја завртам главата и каде и да го упатам погледот!
Орнаментот во суштина претставува украс. Украсот се доживува гледајќи го како еднодимензионален предмет или слика. Тој може да биде од стакло, благороден метал или од било кој друг материјал кој предизвикува чувство на допаѓање. Архитектонскиот објект е тридимензионален и тој се доживува само ако се разгледува од сите негови страни. Гропиус, еден од големата четворка на врвните светски архитекти вели: „Треба да се оди околу објектот за да се разбере материјалноста и функциите на неговите делови“. Од тука се заклучува дека ниту еден дел од објектот не бара сам за себе посебно внимание од што произлегува откажување од какви било профили или ѕидни релјефи.
Од овој став за архитектонското дело произлегуваат два основни заклучоци: Првиот е дека секое архитектонско дело треба да ги задоволи естетските критериуми за материјал и пропорции и вториот е максимална економичност на конструкцијата, што само по себе подразбира и бришење на какви било апликации со цел за украсување (примена на орнаменти).
Архитектурата ослободена од скапи апликации (декорации) ја прифаќа отворената врска со амбиентот. Сонцето, воздухот, светлината и пејзажот не се повеќе само формални видови на архитектурата: тоа се условите на животот, елементи кои задолжително влијаат на сите моменти на нашата егзистенција.
Мотото на модерната архитектура е побрза и порационална изградба на објектите земајки ги притоа во предвид зголемените потреби на нараснатото население за поголеми и побогати по содржина објекти. Завесата на стиловите кои беа создавани паралелно со развојот на цивилизацијата со појавата на модерната архитектура која што се јави како плод на високоразвиената технологија е спуштена.
Тврдењето дека легално можат да се менуваат фасадите од модерната архитектура со нивно облекување со застарени историски стилови, туѓи на македонската почва, со добивање согласност од жителите што ги населуваат тие објекти е наивно и површно. Тоа означува дека насилнички ги присвојувате ингеренциите и легитиметот на авторството на тие објекти при што ги омаловажувате и навредувате нивните творци, независно дали се живи или починати, што всушност претставува уште поголемо злосторство.
Што се однесува за архитектите-копиранти, претпоставувам дека им е добро познато дека за да се создаде едно современо архитектонско дело треба да се биде далеку поинвентивен отколку да се копира некој историски стил. Копирањето е сурогат на архитектурата и од него треба да се срамиме. Да си ја продадеш професијата, а произлегуваш од факултет кој дал плејада врвни мајстори на архитектурата најблаго речено е да бидеш Јуда!
Ако за секој објект преоблечен во стилот на т.н. барок, сумата изнесува по неколку милиони евра, тогаш повеќе од јасно е колку тешки милиони се одлеваат за толкав број на објекти. Може да се претпостави колкава би била користа ако таа инвестиција би била вложена во продуктивни проекти со цел да се зголеми стандардот на населението и разубави градот во духот на Модерната.
Ова е само еден сегмент од она што може уште да се набројува. Сега треба да му биде секому јасно колкаво е злосторството со апликацијата на орнаментите со пресвлекување на објектите во т.н. стил „БАРОК“ (стил во архитектурата кој потекнува од папскиот Рим и се појавува во почетокот на 17 век и го зафаќа периодот на првата половина од 18 век.).
(Авторот е архитект)
ИЗВОР: Утрински весник]]>


