„Се справивме успешно и со енергетската криза и истата ја претворивме во можност. Прво со ставањето во функција на сите енергетски капацитети кои ги имаме во државата, го зголемивме домашно производство на електрична енергија и ЕСМ обезбеди 100% струја за домаќинствата и за малите потрошувачи. Виталните дејности во државата беа обезбедени“ рече премиерот Димитар Ковачевски на конференцијата „Година на европски можности“.
Тој додаде дека во кризата вкупното поризводство на струја се зголеми за 45 отсто, иако никој не веруваше во тоа, а одредени скептици велеа дека државата ќе остане без струја.
„Ги активиравме сите енергетски капацитети. Активиравме капацитети кои 15 години не беа ставани во употреба. Ги активираме хидропотенцијалите, и ги олеснивме процедурите за поставување обновливи извори на енергија. За нешто што беа потребни шест месеци за вадење на дозвола, сега е потребно само еден ден известување“ рече Ковачевски.
Премиерот додаде дека енергетската трансформација на земјата започна во неговиот мандат, за што е исклучително задоволен како се развива и ќе продолжи да се развива.
„До 2016 година во нашата држава, за целиот мандат на претходните сите влади во државата имаше инсталирано 16 мегавати обновливи извори на енергија, од соларни централи и гасни централи. Од јануари 2022 до денес имаме издадено над 600 лиценци за централи за обновливи извори на енергија, со што денес имаме инсталиран капацитет од 600 мегавати обновливи извори на енергија“ рече Ковачевски.


