Ковачевски ја посети „Везе Шари“, компанија која го финансираше најголемиот проект во државата заедно со ИПАРД: Во нашата држава во моментов има најниска цена на јајцата, мора да се води грижа за граѓаните

Претседателот на владата на Република Северна Македонија, Димитар Ковачевски и министерот за економија, Крешник Бектеши денеска ја посетија компанијата за производство на јајца „Везе Шари“ во тетовско Џепчиште. Тие разговарале со сопственикот на компанијата Арбен Абдурахмани за предизвиците што ги наметна економско-енергетската криза и нивниот заеднички став е дека сега повеќе е потребно да се покаже единство во донесувањето на мерки и решенија, за доброто на иднината на сите граѓани.

„Изминатиов период Владата е насочена кон стабилизирање на цените на основните прехранбени производи и еднаквост за сите затоа Владата што ја предводам делува на повеќе нивоа“, рече премиерот Ковачевски по посетата.

Тој истакна дека разговал со вработените во компанијата „Везе Шари“, како и со сопственикот, и заклучокот е дека мора да се покаже единство, за доброто на државата и за доброто на граѓаните во оваа криза.

Владата веќе ги замрзна цените на основните прехранбени производи меѓу кои и на јајцата од кокошка. 

Ковачевски нагласи дека во последните денови тој често е во обиколка на маркетите за да точно се утврди дали мерките се почитуваат од страна на сите кои се дел од пазарот и продажбата на основните прехранбени производи.

„Можеме да заклучиме дека имаме редовно снабдување на целата малопродажба со сите основни прехранбени производи и дека во најголем се почитуваат мерките за ограничување на цените на основните прехранбени производи. 

Вие веќе знаете дека ја замрзнавме цената на лебот, замрзнавме цена на дел од тестенините при што и ја намаливме и ја замрзнавме и намаливме цената на дел од основните производи од млечната индустрија.

За заштита на граѓаните донесовме одлука која ги обврзува малопродавачите минимум 70% од набавките кои што ги имале во текот на јануари и февруари во делот на снабдувањето со јајца од кокошка да ги имаат и во периодот кога цените се замрзнати што значи до 30 април. 

Ова е направено од причина што во нашата држава во моментов има најниска цена на јајцата, некаде 0,14 евроценти, додека цената на истиот производ во околните држави е најмалку 0.20 евроценти. 

Ова се конкретни мерки во кои нема недоречености и мора да се почитуваат. На терен досега инспекторатот има направено 500 контроли од инспекторските служби и тие ќе продолжат и во текот на наредните денови“, истакна Ковачевски.

Ковачевски исто така додаде дека во кој било град или село во нашата држава скоро секаде ќе наидете на табла дека некој проект е реализиран со средства од ИПАРД програмата од ЕУ.

„За нас е многу важно што сето тоа го гледаме заедно со нашите пријатели од меѓународната заедница, ја добиваме нивната поддршка кон градење на економски силна и профитабилна земја, конкурентна на меѓународните пазари. 

Едно такво позитивно искуство има и „Везе Шари“, кои преку оваа програма имаат инвестирано во модернизација на опремата за производство, како и за изградба на современ земјоделско – сточарски комплекс“, истакна Ковачевски.

Компанијата Везе Шари го има финансирано најголемиот проект во државата заедно со ИПАРД програмата во зголемување и осовременување на нивното производство.

„За поздравување е навистина домаќинското и иновативноста и визијата преточена во својата подружница ЕЛЕКТРО ШАРИ која е првата биогасна централа во Република Северна Македонија која произведува 1MW/h и исто така тие имаат и фотоволтаична централа од 250 мегавати што значи дека се навистина голем производител и на електрична енергија со што го подобруваат и енергетскиот биланс на земјата, а во најголем дел ги снабдуваат своите потреби со електрична енергија од свое сопствено производство“, истакна Ковачевски.

Најнови вести

Најново од Економија

Најчитани вести