Ковачевски со извинување до медиумите: Aко некој се препознал во тоа што го кажав и ако тоа е вистина и притоа има потреба од извинување тогаш го има моето извинување

Премиерот Димитар Ковачевски на денешната прес конференција на која заедно со заменик претседателот на Владата задолжен за европски прашања Бојан Маричиќ, говореа за текот на скрининг процесот за ЕУ интеграции во одговор на новинарско прашање им се извини на медиумите кои се препознале во тоа што го кажал пред некој ден.

Тој рече дека доколку некој медиум се препознал во тоа што тој го кажал на прес-конференцијата од пред два дена, и притоа има потреба од од извинување, тогаш, како што рече, го има неговото извинување.

Ковачевски посочи дека со должна почит и внимание ги прочитал реакциите на Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ) и на останатите релевантни институции од областа на регулацијата на медиумите.

„Ве уверувам дека истите ќе се основа за понатамошно унапредување на условите за работа и на медиумите и на новинарите и на известувањето. Слободата на медиумите од една страна и објективното новинарско известување од друга во демократско општество се исклучително важни и особено потребни за да се одржи и развива демократијата. За да го исполниме ова, ние како политичари имаме одговорност да создадеме простор за слободно и непристрасно делување на медиумите, услови преку кои ќе се обезбеди јакнење на слободата на медиумите, независност на уредувачките политики и самостојност на нивното работење. Од друга страна, новинарите, имајќи го предвид јавниот интерес имаат обврска објективно и целосно да ја информираат јавноста. Би сакал да повторам дека јас не посочив ниту еден медиум конкретно и тоа може лесно да се потврди преку снимката која што ја има од прес-конференцијата која беше токму во ова иста сала. Но, сепак доколку некој се препознал во тоа што го кажав и ако тоа е вистина и притоа има потреба од извинување тогаш го има моето извинување“,рече Ковачевски.

Транспарентноста и секојдневната соработка и почит кон медиумите, рече Ковачевски, е неговиот и владин принцип на работа и тука не треба да постои никаква дилема, правејќи во овој контекст споредба со односот на Владата кон медиумите за време на владеењето на Никола Груевски.   

„Мора да сум многу јасен дека не постои професија која јас не ја почитувам и ценам. Во контекст на вашата работа моето секојдневно појавување во јавноста никогаш од претходно не било договорено со некој уредник или новинар, не било договорено какво прашање да ми се постави, никогаш не било догорено што не треба да ме прашаат новинарите. Никој од партијата која што ја предводам или Владата не доставил готов прилог да биде прочитан во вести. Ниту некој министер ниту јас лично сум се јавил на уредник, сопственик на медиум по кој редослед да се емитуваат прилозите во вестите. Немало средба или настан со медиуми каде јас не сум одговорил на нечие прашање“, рече Ковачевски.

Тој потенцираше дека лично стои зад тоа дека треба да продолжи унапредувањето на демократијата и медиумите да продолжат да бидат растоварени од какви било влијанија без разлика дали се тоа политички или бизнис-влијанија.

Премиерот направи споредба на актуелната влада и нејзиниот однос со медиумите, со владата на Никола Груевски и порача дека транспарентноста и секојдневната соработка и почит кон медиумите се владин принцип.

За потсетување премиерот завчера прашан како ја коментира изјавата на неговиот коалициски партнер, лидерот на ДУИ, Али Ахмети, дека Алфа и Телма се „непријатели на Албанците“, критикуваше некои телевизии за тоа како се однесуваат, но без да наведува имиња на медиуми.

Најнови вести

Најново од Македонија, Ударни вести

Најчитани вести